Една година по легализацијата: Mary Jane во Германија гордо чекори кон зелена иднина

Фестивалот Mary Jane Berlin оваа година се одржува во сосема поинаков амбиент – втор пат откако Германија официјално го легализираше канабисот. Над 500 изложувачи, 65 000 посетители и еден нов дух на слобода и заедништво го обележаа најголемиот европски фестивал за канабис, кој полека прераснува во број еден фестивал за канабис во светски рамки. Фестивалот веќе не се перципира само како активистички настан, туку како легитимен дел од современата култура и економија.

Оваа година се случи вистинска пресвртница. Што се промени по легализацијата? Сè.

Слобода, но со правила

Од април 2024 година, возрасните граѓани на Германија смеат да поседуваат до 50 грама канабис за лична употреба и да станат членови на таканаречени „социјални клубови“ за одгледување и размена. Таа регулатива ја промени не само секојдневната култура, туку и лицето на фестивалот Mary Jane. 25 грама е максималната количина која е дозволена да ја носиш со себе.

Кевин Хербст, посетител на фестивалот, ни раскажа како легализацијата му го сменила секојдневието:

„Порано моравме да бараме од некои сомнителни дилери. Не знаевме што добиваме, каков е квалитетот, дали е мешано со нешто. Сега можеш да одиш во аптека, да добиеш рецепт и точно знаеш што консумираш. Тоа е голема разлика.“

Кевин Хербст

Сепак, додава дека уште постои предрасуда:

„Мене лично најмногу ми пречи кога луѓето ќе те наречат наркоманче само затоа што користиш канабис. Тоа е незнаење. Се надевам дека со вакви настани ќе се смени перцепцијата.“

На фестивалот разговаравме и со Мишел од маркетинг тимот на Plagron, бренд за органско одгледување, кој објасни дека промените се чувствуваат и на бизнис ниво:

„Гледаме многу повеќе домашни одгледувачи. Луѓето сакаат да знаат што точно користат, бараат квалитет. За нас тоа значи поголема продажба, но и поширока заедница на информирани и одговорни корисници.“

Мишел, Плагрон

Она што ние можевме да го забележиме е дека луѓето се значително поопуштени. Атмосферата е далеку послободна отколку пред неколку години. Се здружуваат, разговараат отворено за квалитет, сорти, медицински ефекти…

Од подземје до светла бина

„Видливо е дека легализацијата влијаеше на целата индустрија. Гледаме сè повеќе луѓе кои самостојно одгледуваат. Тие сакаат квалитет, сакаат да знаат што консумираат,“ објаснува Мишел, маркетинг менаџер во реномираниот бренд Plagron, кој изложува на фестивалот од самиот почеток.

Според него, легализацијата го поттикнала не само прометот туку и развојот на нови бизниси и иницијативи:
„Секако дека влијаеше на бизнисот. Но најважното е што заедницата стана повидлива, поврзана и поорганизирана. Луѓето се охрабрија да споделуваат искуства, да се информираат, да учат едни од други.“

Mary Jane — повеќе од фестивал

Фестивалот оваа година не беше само изложбено-промотивен. Со бесплатни станици за вода, тимови за психо-социјална поддршка и едукативни панели за одговорно користење, Mary Jane 2025 постави нови стандарди.

„Веруваме во заедница која се грижи едни за други. Mary Jane не е само забава, туку и одговорност,“ стои во официјалната најава на организаторите.

Она што е новина годинава е дека немаше воопшто алкохол на фестивалот, бидејќи поучени од претходните години, кога се мешало канабис и алкохол на високи температури, имало доста интервенции од амбулантни возила.

Посетителите можеа да се информираат за медицински аспекти на канабисот, за правилно домашно одгледување, но и за законските регулативи кои сè уште се развиваат. Неизбежно беше и прашањето: дали Германија станува пример за остатокот од Европа?

„Мислам дека ова што се случува овде е добар модел за многу други земји. Луѓето веќе го гледаат канабисот како нормален дел од општеството — нешто што може да се регулира, а не да се криминализира,“ вели Мајкл.

Покрај изложбениот дел и музичката програма, Mary Jane се позиционира и како простор за споделување знаење и промовирање на одговорна консумација. Фестивалот испраќа порака до светот – канабисот не е табу, туку дел од современиот начин на живеење, кога се користи со почит и знаење.

Во наредните години, се очекува бројот на социјални клубови да расте, а пазарот да се стабилизира. Организаторите на Mary Jane веќе најавуваат нови проекти, меѓународни партнерства и уште поголема отвореност. „Секоја година поставуваме нови стандарди – но во 2025 навистина ги надминавме сите. Заедно ја создаваме најзелената, најголемата и најсвесната канабис-заедница досега,“ велат од тимот зад фестивалот.

Ангел Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни