Во тек е фазата на јавно гласање во рамки на петтото, јубилејно издание на E-commerce Awards, кое има за цел да ги препознае и награди најдобрите е-трговци во земјава за 2025 година. Граѓаните имаат можност да ги поддржат своите омилени онлајн продавници и да учествуваат директно во изборот на победниците.
Досега, изборот бележи значителен интерес, со повеќе од 27.000 гласови дадени од над 2.500 гласачи, што уште еднаш ја потврдува довербата и релевантноста на оваа иницијатива во македонскиот е-трговски екосистем.
Оваа година, во трката за признанијата се вклучени 217 номинирани е-трговци, кои се натпреваруваат во 18 различни категории, опфаќајќи широк спектар на дејности, иновации и бизнис-модели во онлајн трговијата.
Сите заинтересирани граѓани можат бесплатно да гласаат преку официјалната веб-страница на изборот, најдоцна до 10 февруари 2026 година, до крајот на денот.
Јавното гласање има клучна улога во конечниот резултат и учествува со 60%, додека останатите 40% се доделуваат врз основа на оценките на жири-комисијата.
По завршувањето на јавното гласање, најдобро рангираните номинации во секоја категорија ќе продолжат во финалната фаза, каде што ќе бидат оценувани од стручна жири-комисија, согласно утврдената методологија на избор.
Победниците на E-commerce Awards 2025 ќе бидат прогласени на свечена гала-манифестација која традиционално ќе се одржи во март 2026 година, кога на најуспешните е-трговци ќе им бидат врачени престижни статуетки како симбол на доверба, квалитет и извонредност во онлајн трговијата.
E-commerce Awards претставува значајна манифестација за целиот сектор, бидејќи ги препознава и наградува најдобрите практики, иновации и постигнувања во е-трговијата, со цел да се поттикне здрав натпревар и континуиран раст и развој на индустријата.
Ова издание на E-commerce Awards 2025 се реализира со поддршка на Halkbank, Diners Club и Halk Insurance. Сите детали за правилата и процесот на изборот се достапни во официјалниот правилник на веб-страницата на изборот.

