Исламистичката репресија оди дотаму што семејството на Махса Амини е ставено во домашен притвор, без дозвола да го напуштат домот или да ја посетат нејзиниот гроб, а на останатите членови на семејството им е забрането да ги посетуваат.
На годишнината од смртта на Махса, 34 жени политички затворенички во затворот Евин започнаа штрајк со глад во знак на солидарност со народот на Иран и во протест против политиките на угнетување на иранската влада. Меѓу нив е и Нобеловата лауреатка за мир, Нергес Мохамади, која долго време води кампања против задолжителното носење хиџаб и смртната казна во Иран.
Иако протестите беа жестоко задушени, со употреба на оружје против демонстрантите, во кои загинаа најмалку 551 лице, илјадници беа уапсени, а десетмина беа погубени, активистите и понатаму се надеваат дека движењето ја остави својата трајна трага во иранското општество. Сепак, репресијата продолжува, особено кон жените кои одбиваат да го почитуваат задолжителното носење на хиџабот. Се применуваат нови методи на контрола, вклучувајќи го и користењето на технологијата за препознавање лица за идентификување на оние кои го прекршуваат кодексот.
Властите во Иран го засилија дигиталниот надзор со блокирање на западни апликации и создавање на сопствени алатки, како апликацијата Nazer, која им овозможува на граѓаните да пријавуваат жени кои не носат хиџаб.
И покрај зголемените мерки на надзор, движењето „Жена, живот, слобода“ продолжува да се шири.
Иранските власти не само што го угнетуваат народот со погубувања, туку и ги малтретираат семејствата на оние кои загинаа или беа уапсени. И покрај сето ова, борбата за слобода не престанува. Активистите веруваат дека Иран веќе никогаш нема да се врати на состојбата пред 2022 година.