Државниот завод за ревизија уште во август 2025 година предупредил: Системот за заштита на жртвите на семејно насилство не функционира!

Државната ревизија утврди дека само 43% од предвидените активности за спроведување на Истанбулската конвенција се реализирани. Засолништата покриваат само 37% од реалните потреби, а голем број центри не работат – некои поради истечени договори за закуп.

„Мерките и активностите на институциите не обезбедуваат ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство“ – предупредил Државниот завод за ревизија, во извештајот објавена во август 2025 година кој се однесува на работата на тогашното Министерство за труд и социјална политика.

Во извештајот меѓу другото алармираат дека бројките на жртви и сторители не се подобруваат, а обврските од Истанбулската конвенција остануваат неисполнети. Институциите, според ревизорите, не обезбедуваат ефективна заштита и поддршка.

Неколку месеци подоцна, трагедијата во Карпош и смртта на мајка и шестгодишно дете повторно го отвори прашањето: ако слабостите биле јасно нотирани, зошто системот не се коригирал навреме? Дали жените во Македонија се чувствуваат безбедно кога пријавуваат насилство? Или стравуваат дека механизмите постојат само на хартија?

43% исполнети активности, нула национална стратегија

Во извешатајот на ДЗИ јасно се потенцирани сите слабости на системот. Од 52 активности предвидени со Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција за периодот 2018-2023, реализирани се само 22, делумно реализирани 10, а 20 воопшто не се спроведени. По истекот на планскиот период, не е донесена нова Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, а дел од подзаконските акти предвидени со Законот сè уште не се усвоени. Програмата за реинтеграција на жртвите, иако конечно е донесена, нема утврден временски период, нема јасни цели и нема мерливи индикатори – состојба која, според ревизорите, создава ризик за евалуација на нејзините резултати.

Само 67 засолништа од предвидените 184!

Ревизијата утврди сериозен јаз помеѓу капацитетите и реалните потреби. Согласно стандардите на Истанбулската конвенција, државата треба да обезбеди 184 легла во засолништа, постојат само 67, или 37% од потребното. Воспоставени се 11 советувалишта, наместо потребните 19.

Територијалната распределба е нерамномерна и она што особено загрижува е фактот дека цели региони се оставени без засолништа! Па така во Југоисточниот и Североисточниот регион немаат ниту едно легло во засолништата на Центрите за социјални работи, а во Југоисточниот регион нема воспоставено ниту едно советувалиште!

Физичкиот увид во дел од воспоставените објекти покажа уште позагрижувачка состојба: голем дел биле користени во минатото, но сега не се во функција. На едно место договорот за закуп е истечен, на друго просторот е во лоша состојба. Опрема е испорачана, но не е инсталирана.

Ова значи дека и онаму каде што де факто има засолништа за жените, тие се под секаков стандард и ниво на достоинство. Не е ни чудо што жените одбираат да останат со насилникот наместо да ги однесат децата во „безбедни“ субстандардни услови.

Статистиката не се менува: мажите се сторители, жените – жртви

Според податоците на МВР за периодот 2018-2023, извршени се 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство. Регистрирани се 6.423 сторители, од кои 91% се мажи, и 6.663 жртви, од кои 79% се жени. Бројот на мажи сторители на кривични дела е девет до единаесет пати повисок од бројот на жени.

Во периодот 2020-2023, центрите за социјална работа евидентирале вкупно 6.282 нови жртви на семејно насилство, со благ пораст низ годините. Соодносот помеѓу сторители и жртви останал речиси непроменет во текот на целиот ревидиран период.

Кривичниот законик усогласен, но со исклучоци

Во февруари 2023 година Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција – криминализирано е родово базираното насилство, зголемени казните за сексуално насилство, а фемицидот е третиран како квалификуван облик на убиство. Сепак, ревизијата констатира дека гонењето за телесна повреда сè уште се врши по предлог на жртвата, со што притисокот врз жртвите директно влијае на ефикасноста на правосудниот систем.

Ова на терен се покажа и со последниот случај во Карпош кога сведоци потврдуваат дека жртвата ги повлекувала пријавите во МВР, а полицијата не постапувала по пријавите на соседите кои алармирле дека во станот на почината се случува виситисна драма и насилство пред детето.

Координативното тело одржало три седници за четири години

Националното координативно тело, формирано со одлука на Владата во 2021 година, требало да го следи спроведувањето на Конвенцијата и да промовира меѓуинституционална соработка. Ревизијата утврди дека телото не ги врши во целост своите надлежности, а последната седница ја одржало во март 2022 – иако е предвидено да заседава квартално.

ДЗР упати 34 препораки до Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, МВР и Центрите за социјални работи.

Извештајот на Државниот завод за ревизија не беше тајна, ниту пак беше нејасен. Пропустите беа утврдени, слабостите конкретно посочени, а препораките прецизно наведени. Вкупно 34. Но, и покрај тоа, суштински промени не следуваа. Не беше донесена нова стратегија, не се надмина недостигот од засолништа, не се зајакна координацијата меѓу институциите. Системските празнини останаа таму каде што биле а тоа е на товар на жртвите.

Зошто по јавно констатирани пропусти не се реагирало со итност? Дали доколку препораките беа навреме имплементирани, денес Ивана и нејзината шестгодишна ќерка ќе беа живи? На ова прашање никој не може со сигурност да одговори. Но, кога ризиците се познати, а механизмите не се зајакнати, одговорноста не може да се сведе на „индивидуален случај“.

Во крајна линија, останува клучната дилема: дали некој ќе сноси одговорност затоа што не постапил по препораките на ревизијата? Затоа што пропустите биле нотирани, но не и отстранети? Секој нареден трагичен исход во ваков контекст повеќе не е само семејна драма туку прашање на институционална одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни