На аеродромот Ландветер во Гетеборг, на западот на Шведска, е забележан најмалку еден дрон, поради што сообраќајот на аеродромот е привремено запрен.
Според Бјерн Ставас од Шведската управа за цивилно воздухопловство, сообраќајот во моментов е во „пауза“.
Присуството на дронот е пријавено околу 18 часот, а поради инцидентот два лета, еден од Минхен и еден од Франкфурт, беа пренасочени на аеродромот во Копенхаген. Исто така, летот од Ландветер за Минхен е откажан, јавува шведскиот весник Aftonbladet.
Ставас додаде дека сите авио-превозници се известени за ситуацијата и дека сообраќајот ќе остане запрен додека не се реши ситуацијата.
На аеродромот се присутни и многу полициски патроли кои го истражуваат настанот. Јохан Хакансон, портпарол на полицијата од западниот регион, изјави дека се спроведува истрага за да се проверат тврдењата за присуство на дронови и дека полицијата е на терен.
Еден од сведоците, кој го забележал дронот на фотографија, рече дека прво помислил дека е некој објект на небото, но брзо сфатил дека се работи за дрон поради светлата на уредот.
Компанијата Swedavia, која управува со аеродромот Ландветер, потврди дека воздушниот простор над аеродромот е затворен поради сомнеж за присуство на дрон.
– Воздушниот простор над Ландветер е моментално затворен поради индикации за дронови. Безбедноста е на прво место и воздухопловниот простор ќе остане затворен додека полицијата не ја заврши истрагата, рече директорката на аеродромот, Сузан Норман.