Дрон падна во Нахичеван: Азербејџан затвори дел од воздушниот простор по нападот

По напад со дрон во автономната област Нахичеван, Азербејџан привремено затвори дел од својот воздушен простор. Иран негира вмешаност, додека властите предупредуваат на можност од ширење на конфликтот

Азербејџан затвори дел од својот воздушен простор во близина на границата со Иран на 12 часа, откако утрово се случи напад со дрон во автономната енклава Нахичеван. Властите во Иран негираа каква било вмешаност во инцидентот.

Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Азербејџан, еден дрон паднал врз зградата на терминалот на меѓународниот аеродром во Нахичеван, додека вториот се урнал во близина на училиште. Нахичеван е автономна територија на Азербејџан која граничи со Иран и Ерменија, но географски е одвоена од остатокот од земјата.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, остро го осуди инцидентот и побара од Иран да се изјасни за случувањето. Тој нападот го нарече „грд чин на терор“ и порача дека „оние што стојат зад него мора веднаш да бидат повикани на одговорност“.

Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во разговор со својот азербејџански колега негирал дека Иран е одговорен за нападот. Според иранските државни медиуми, Арагчи изјавил дека иранските вооружени сили започнале истрага за инцидентот.

Во истиот извештај се наведува и дека иранскиот министер предупредил на „можна улога на Израел во вакви напади со цел да се искриви јавното мислење и да се нарушат добрите односи на Иран со неговите соседи“.

Доколку се потврди дека нападот дошол од Иран, тоа би бил прв напад врз некоја држава од Кавказ од почетокот на поширокиот регионален конфликт, што дополнително би ги засилило стравувањата дека судирите може да се прошират и надвор од Блискиот Исток, пишува Sky News.

Досега иранските напади главно беа насочени кон Израел и кон американски воени бази во регионот. Азербејџан, пак, не е познат по тоа дека на својата територија има американски бази, што дополнително отвора прашања за можните мотиви за евентуален напад.

Иако Азербејџан формално зазеде неутрален став во конфликтот на Блискиот Исток, во последните години ги продлабочи односите со Израел и со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Баку е меѓу најголемите купувачи на израелско оружје, додека Израел увезува значителни количини азербејџанска нафта. Според аналитичарите, двете земји тесно соработуваат и во областа на разузнавањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни