Нова трамвајска несреќа ја потресе јавноста во Сараево, откако трамвај управуван од возачот Н.К. (1987) се судри со две патнички возила кај „Careva ćuprija“. Полициската истрага покажала дека возачот бил под дејство на недозволени супстанции и немал важечка дозвола за управување со шинско возило.
Според Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево, во несреќата учествувале трамвај и автомобили „VW Taigo“ и „VW Golf“. Две лица се здобиле со полесни повреди, а сообраќајот бил привремено прекинат додека траел увидот. Алкотестот на возачот бил негативен, но тестот за дрога бил позитивен, по што му бил земен примерок крв за дополнителни анализи.
Дополнителен шок за јавноста предизвика фактот дека дозволата на возачот истекла уште на 1 јуни 2023 година, а не било поднесено барање за продолжување. Полицијата најави прекршочна постапка не само против возачот, туку и против јавното претпријатие КЈКП „GRAS“ и одговорните лица во него.
Инцидентот доаѓа само неколку дена по тешката трамвајска трагедија од 12 февруари, која предизвика протести и силни барања за реформи во јавниот превоз. Новата несреќа повторно ја отвори темата за контролата на кадрите, процедурите и безбедносните стандарди, особено кога се работи за возачи што управуваат со јавен транспорт.
Надлежните институции најавуваат дека ќе ги утврдат сите околности, додека во јавноста останува прашањето како лице без важечка дозвола и со позитивен тест на дрога воопшто било пуштено да вози трамвај.