Пазарот на недвижности во Европската Унија забележа значителен раст во третиот квартал од 2025 година, при што цените на становите пораснале за 5,5 отсто, а кириите за 3,1 отсто во однос на истиот период претходната година.
Според најновите податоци на Eurostat, трендот на поскапување продолжил и на квартално ниво. Во споредба со вториот квартал од 2025 година, цените на недвижностите се зголемиле за 1,6 отсто, додека кириите пораснале за 0,9 отсто.
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во Европската Унија во просек пораснале за дури 63,6 отсто, додека трошоците за изнајмување се зголемиле за 21,1 отсто. Додека кириите бележат релативно стабилен и континуиран раст, цените на недвижностите се движеле во бранови, со периоди на стагнација и фази на екстремно забрзано поскапување.
Кога се анализираат поединечните земји-членки, Унгарија се издвојува како апсолутен рекордер. Од 2015 година наваму, цените на становите во оваа земја пораснале за дури 275 отсто, што претставува најголем раст во целата Европска Унија.
Покрај Унгарија, цените на недвижностите се повеќе од двојно зголемени во уште 11 земји-членки. На врвот на листата се наоѓаат Португалија, Литванија и Бугарија, каде растот надминува 150 отсто.
Исклучок на европската мапа претставува Финска, која е единствената земја во која цените на недвижностите денес се пониски отколку пред една деценија, со забележан пад од околу два отсто.
Растот на кириите, пак, е евидентиран во сите земји-членки на Унијата. И тука Унгарија повторно се наоѓа на врвот, со зголемување на кириите од 107 отсто. Значително поскапување е забележано и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде трошоците за изнајмување се зголемени за повеќе од 70 отсто.
Податоците на Евростат укажуваат дека високите трошоци за домување сè повеќе стануваат структурен проблем во Европската Унија, особено за младите, семејствата со пониски приходи и лицата што живеат во големите урбани центри.
