Драмски театар Скопје гостува на фестивалот РУТА во Сараево

Драмски театар со претставата „Хеда Габлер“ гостува во среда на 27 мај во Сараево, Босна и Херцеговина. Од 24 до 29 мај во организација на Камерни театар 55 се одржува

босанскохерцеговското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

Премиерата на „Хеда Габлер“ беше на 20 април и гостувањето во Сараево ќе биде петта изведба и прво гостување на претставата во странство.

„Хеда Габлер“ е работена по текст на авторот Хенрик Ибзен. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.

Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула и ликот на Теа Тесман го игра актерката Сара Климоска.

Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата го истакнува следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.

Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“ , низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвора можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално – етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни