НУ Драмски театар Скопје го објави годинешниот конкурс за наградата „Горан Стефановски“, наменета за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот е веќе достапен на официјалната веб-страница на театарот и ќе биде отворен до 28 февруари.
Со оваа награда, Драмски театар ја продолжува својата традиционална поддршка на младите драмски автори и поттикнувањето на создавање нови, современи драматуршки текстови, во чест на еден од најзначајните македонски драмски писатели – Горан Стефановски.
Право на учество имаат автори државјани на Македонија кои до истекот на рокот за пријавување немаат наполнето 30 години. Поднесените драмски текстови мора да бидат оригинални и неизведени, без адаптации или драматизации на веќе постоечки книжевни или драмски дела.
Пријавите треба да бидат подготвени согласно насоките објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје. Пристигнатите текстови ќе ги оценува стручна комисија составена од пет члена, а добитникот на наградата ќе биде соопштен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на 27 април – денот на раѓањето на Горан Стефановски.
Наградата е во износ од 60.000 денари и вклучува потпишување авторски договор со Драмски театар Скопје, како и продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – Малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“, во рок од две години од затворањето на конкурсот. Авторот се обврзува текстот да не биде отстапен на други институции до неговата премиера во Драмски театар.
Од театарот потсетуваат дека преку оваа награда ја негуваат уметничката и духовната оставнина на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вградени во историјата на Драмски театар Скопје. На оваа сцена биле поставени 15 негови претстави, од кои осум биле праизведби.
