Драма на Сава: десетици луѓе заглавени во мочуриште, Хрватска крева цела спасувачка машинерија

Голема спасувачка акција е во тек меѓу Штитар и Бабина Греда, каде што десетици лица, најверојатно мигранти, останале заглавени на непристапен терен покрај реката Сава.
Фото: Црвен Крст - Хрватска

Десетици луѓе, најверојатно мигранти, се заглавени на непристапен терен покрај реката Сава во Хрватска, каде што е во тек обемна спасувачка акција со учество на полицијата, цивилната заштита, пожарникарите, ХГСС и медицинските служби.

Потпретседателот на владата и министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека во акцијата меѓу Штитар и Бабина Греда се ангажирани практично сите расположливи сили, откако група луѓе останала заглавена на исклучително тежок мочурлив терен. Според него, поради слабата видливост и непристапноста на подрачјето, спасувањето се одвива во многу сложени услови.

Според информациите од теренот, спасувачите веќе успеале да стигнат до дел од групата, но поради слабата видливост и конфигурацијата на просторот се користат и термовизиски камери. Иако се слушале гласови од лоцираните лица, хрватските власти предупредуваат дека не може да се исклучи можноста да има и жртви. Министерот потсети дека минатата година биле регистрирани 14 смртни случаи во слични ситуации, а оваа година веќе има два случаи на давење.

Вуковарско-сремската полиција рано утринава соопшти дека по пријавата веднаш биле испратени полициски патроли, полициски чамец и дронови, а на местото биле ангажирани и цивилната заштита, ХГСС, ЈВП Жупања и Итната медицинска помош. Според хрватските медиуми, најверојатното сценарио е дека станува збор за група мигранти кои се обидувале незаконски да ја преминат државната граница.

Акцијата продолжува, а хрватските служби се обидуваат да стигнат до сите заглавени лица пред условите на теренот дополнително да ја отежнат интервенцијата. Засега нема официјален конечен биланс за бројот на спасени, ниту потврдени податоци за евентуални загинати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни