Драган Бјелогрлиќ: Ако ја изгубиме оваа битка, го губиме целиот 21 век!

Актерот и режисер Драган Бјелогрлиќ се обрати на блокадата на Мостот на слободата во Нови Сад, истакнувајќи дека периодот на омраза, страв и поделби, кој трае од 1990-тите години, конечно се испраќа во историјата благодарение на студентите.

„Народот кој го помина 20. век во лутања, сега од студентите добива надеж и спас во 21. век. Ова е момент кој не смееме да го пропуштиме. Се обраќам на постарите, без кои оваа битка не може да се добие. Се надевам дека ќе ме слушнат“, рече тој.

Потоа, Бјелогрлиќ ги повика судиите да ја исполнат својата заклетва и да почнат да ја вршат својата должност, прашувајќи ги што ги спречува во тоа и од кого се плашат во оваа разбудена Србија.

Обраќајќи им се на лекарите, тој рече: „Вие, кои спасувате животи и носите факел на племенитост и емпатија, зошто молчите кога вашиот колега, врвен стручњак, е деградиран само затоа што ги поддржал студентите? Ако некој ви вели дека ова ќе помине, а потоа ќе имате проблеми, јас ви кажувам, ова нема да помине. Ова само може да трае подолго. Ако сите станете, ќе трае пократко и брзо ќе заврши.“

Тој упати повик до работниците, земјоделците, војниците, полицајците и сите чесни луѓе во Србија да се разбудат и да застанат покрај студентите, истакнувајќи дека оваа битка не смее да се изгуби.

„Поддржете ги, станете, застанете со нив, истрајте со нашите млади, бидејќи немаме друг избор. Ако ја изгубиме оваа битка, се плашам дека ќе го изгубиме целиот 21. век. А како народ, немаме повеќе сила и простор за тоа, бидејќи повеќе нема да нѐ има. Затоа, сите со студентите! До победа! Да живее Нови Сад! Да живее Србија! Да живеат студентите! Ви благодарам!“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни