Американскиот претседател Доналд Трамп упати сериозна закана дека ќе следи жестока воена ескалација доколку не се спроведе целосно договорот со Иран, нагласувајќи дека американските сили остануваат во состојба на целосна борбена готовност.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп порача дека сите американски бродови, авиони и воен персонал ќе останат распоредени во и околу Иран, опремени со дополнително оружје и муниција, сè додека договорот не биде целосно имплементиран. Тој предупреди дека доколку тоа не се случи, ќе започне „пукање“ посилно од било што што светот досега го видел, иако оцени дека такво сценарио е малку веројатно
Трамп истакна дека клучните точки на договорот се јасни, нема нуклеарно оружје и Ормуски теснец мора да остане отворен и безбеден за глобалниот поморски сообраќај. Во меѓувреме, неизвесноста околу примирјето расте, само 24 часа откако беше објавено дека САД ќе ги прекинат нападите врз Иран на период од две недели.
Ситуацијата дополнително се комплицира откако Израел започна силни напади врз Либан, при што според извештаи загинале повеќе од 250 лица, што го доведува во прашање опсегот на договорот. Додека САД и Израел тврдат дека Либан не е опфатен со примирјето, Иран и Пакистан го оспоруваат тоа толкување.
Како одговор на нападите, движењето Хезболах, поддржано од Иран, соопшти дека испалило ракети кон северот на Израел, што дополнително ја зголемува опасноста од ширење на конфликтот. Целокупната ситуација укажува дека и покрај дипломатските напори, регионот останува на работ на нова ескалација, со сериозни безбедносни и економски последици на глобално ниво