На 18 мај, четиригодишниот Марк Ифијеменко беше во својот дом со родителите и баба и дедо во Василкив, мирен град недалеку од Киев.
Таа ноќ, Русија започна еден од најмасовните напади од почетокот на инвазијата – со над 270 дронови и ракети насочени кон украинска територија.

Семејството се засолнило во соба за која верувале дека е најбезбедна – далеку од надворешните ѕидови, според непишано правило што го следат милиони Украинци. Таткото Сергеј тргнал да го исклучи гасот – и тогаш нивниот дом бил погоден од ирански дрон „Шахед“, голем колку мал автомобил.
„Имаше чад, прашина, не можев да дишам. Ги барав. Прво ги видов мајка ми и татко ми – беа повредени. Мајка ми ми рече дека Ана повеќе не е со нас,“ сведочи Сергеј, кој дента се вратил од фронтот.
„Кога насочив светло кон подот, стоев над телото на мојата сопруга… дронски фрагмент ѝ го пробил черепот. Но дури и во смртта, беше свиткана околу Марк – го заштитувала.“
Марк преживеал. Но по цена на мајчина жртва, скршен череп, згмечен нос и загубено око.

Расте бројот на убиени деца: речиси 3.000 од почетокот на војната
Според последните податоци, 2.889 деца се убиени или повредени од почетокот на руската инвазија врз Украина. Само од март до мај оваа година – уште 222 деца. А реалниот број веројатно е повисок, велат од Обединетите нации.
Марк сега се лечи во детската болница Охматдит во Киев. Поминал десет дена во интензивна нега, повеќето во кома. „Беше спасен благодарение на нејзината љубов и брза реакција,“ вели Сергеј.
Секојдневна војна против детството
Војната не е само бомби и фронтови – таа урива училишта, семејства и детски соништа. Милиони украински деца веќе третата или четвртата година по ред учат онлајн, бидејќи нивните училишта се разрушени или небезбедни. За најмалите – оние родени по 2022 – војната е единственото што го познаваат.
„Децата не само што умираат. Тие растат во страв, без стабилност, без нормално детство,“ вели Дарија Касјанова од Мрежата за детски права во Украина.

Руските напади како воен злостор?
Според меѓународното хуманитарно право, намерното таргетирање на цивилна инфраструктура, особено училишта, болници и места каде се собираат деца, се смета за воено злосторство.
Организациите за човекови права, вклучително и Амнести Интернешнал, предупредуваат дека Русија систематски и намерно напаѓа цивилни цели. Илјадници цивили се жртви на индискиминација, што според нив е основ за прогласување на злостор против човештвото.
Поуката од едно мало дете
Малиот Марк сè уште не разбира целосно што се случило. Знае дека мајка му ја нема. Праша, чека одговор, понекогаш се буди ноќе од најмал шум – потсетен на звукот од дрон. Сега носи вештачко око, посетува терапевти, има потешкотии со учење.
„Му кажав ја вистината и колку го сакаше мајка му и дека таа стана негов ангел-чувар,“ вели Сергеј, кој трајно се повлекол од воената служба за да се грижи за синот.

Детството не смее да се бомбардира
Секое уништено училиште, секое скршено прозорче од училница, секое детско тело под урнатини – е доказ дека оваа војна не штеди никого. Ни најневините.
„Украинските деца не направиле ништо лошо. Не заслужија да бидат убиени, осакатени, протерани,“ вели Сергеј.
И ако светот сака да биде праведен – тогаш мора да гледа, да слуша и да преземе нешто. За да не расте уште едно дете под сенка на дрон.
Извор: The Guardian