Артериите секојдневно ги изложуваме на штетни влијанија, често без воопшто да бидеме свесни за тоа. Оштетувањето може да се развива тивко и незабележливо, дури и кога се чувствуваме здрави и без симптоми. Кога размислуваме за здравјето на срцето, најчесто се фокусираме на самиот орган, но крвните садови имаат подеднакво важна улога.
Кардиологот д-р Надим Гелу за Parade објаснува дека здравите артерии се широки, еластични и мазни, овозможувајќи непречен проток на крв богата со кислород. Сепак, една вообичаена навика може постепено да ја наруши нивната функција – долготрајното седење.
Според кардиологот д-р Нил Д. Шах, долгото седење го намалува протокот на крв, особено во нозете, бидејќи мускулите не се активираат за да помогнат во враќањето на крвта кон срцето. Дополнително, д-р Кевин Шах од MemorialCare Heart & Vascular Institute истакнува дека при повеќечасовно седење артериите стануваат покрути и се однесуваат повеќе како цврсти цевки отколку како еластични канали. Тоа создава дополнителен притисок врз срцевиот мускул и со текот на времето може да ја намали неговата ефикасност.
Проблемот е што ваквите промени не даваат веднаш јасни симптоми. Крутите и стеснети артерии го зголемуваат ризикот од покачен крвен притисок и атеросклероза, состојба при која се наталожуваат масни наслаги на ѕидовите на крвните садови. Во потешки случаи може да дојде и до мозочен удар, кога згрутчување на крвта ќе ја блокира артеријата и ќе го прекине снабдувањето на мозокот со кислород.
Стручњаците предупредуваат дека седечкиот начин на живот не значи само отсуство на физичка активност, туку и поминување поголем дел од денот во седење, често повеќе од осум часа. Затоа советуваат редовно станување и кратки паузи за движење, бидејќи дури и неколку минути активност можат да ја подобрат циркулацијата и функцијата на артериите.