Додека малцинството привилигирани дивеат, сите ние ги трпиме последиците!

Денес со почеток од 18.00 часот, во просториите на Студентскиот Културен Центар (СКЦ), ќе се одржи Јавен форум на тема „Кој губи, а кој добива од неказнивоста?“. Овој јавен форум е во организација на граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.

Целокупниот систем во Република Северна Македонија затајува и секојдневно ни ја докажува неговата нефункционалност. Постојано сведочиме како отсуството на правда стимулира девијантно и криминално однесување, а тоа мора да се промени.

На форумот „Кој губи, а кој добива од неказнивоста?“, сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност да дискутираат за недостатоците на правниот систем, избегнувањето на одговорноста, неказнивоста и можните решенија по овие прашања. Додека малцинството привилигирани дивеат и не понесуваат одговорност за своите постапки, сите ние ги трпиме последиците. Затоа, неправдата мора да престане!

Целта на овој форум е да произлезат автентични решенија од самите граѓани, почнувајќи од системот за работа со деца и млади во судир со законот, па сè до реформите во правосудството. Ваквиот транспарентен начин на вклучување на граѓаните во овие процеси е повеќе од неопходен, особено ако земеме предвид дека националното правосудство „ужива“ народна доверба од само 2%.

Не смееме да заборавиме дека Фросина, но и сите други досегашни и потенцијални идни жртви се индиректна последица на системот кој не казнува. Последното сообраќајно злосторство само ги извади на виделина сите недостатоци на правниот систем – што ни потврдува дека одговорност мора да има, не само за убиецот, туку и за сите алки во системот кои му овозможиле да продолжи со своето деструктивно однесување. Решенија има, но дали има волја да направиме реални промени?

Затоа, време е сите заедно да застанеме зад мерките што ќе ја вратат правдата во системот, кои ќе ја вратат довербата кај граѓаните и ќе гарантираат сигурност во нашите домови, на улиците каде што живееме, работиме и се движиме секојдневно. Потребни сме му на градот и општеството како заедница која бара одговорност, правда и безбедност за сите! Форумот е отворен за сите заинтересирани граѓани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни