Додека иранските власти со сила ги задушуваат масовните протести, дел од граѓаните се обидуваат да ја напуштат земјата преку граничните премини кон Ирак. Иако интернетот и телефонските врски се блокирани, границите засега остануваат отворени, јавува BBC.
На планинскиот премин кон ирачки Курдистан може да се забележат мажи, жени и деца, официјално дојдени „во посета на семејство“. Но зад таа тишина се кријат тешки сведоштва за насилство. Еден маж, кој побара анонимност, раскажа дека бил погоден со сачма во лицето за време на протестите на 9 јануари.
„Ме погодија над окото, во челото, образот, усната и вилицата. Една од металните зрна сам ја извадив со жилет“, изјави тој, додавајќи дека не се осмелил да побара лекарска помош од страв да не биде уапсен.
Организациите за човекови права проценуваат дека најмалку 2.500 луѓе се убиени од почетокот на репресијата. Иако режимот успеал привремено да ги задуши протестите, сведоци тврдат дека демонстрации имало и во делови од Техеран и околните градови до средината на јануари.
Економската криза останува главен двигател на незадоволството. Наставничка од пограничен град изјави дека платата ѝ трае само десет дена и дека остатокот од месецот мора да позајмува пари.
„Не бараме ништо повеќе од основни права – дом, автомобил и нормален живот“, рече таа.
Иако режимот повторно воспоставува контрола со сила, аналитичарите предупредуваат дека жестоката репресија ја открива неговата слабост. Ослабените регионални сојузници, економскиот колапс и исцрпените воени капацитети го прават Иран сè поранлив – и дома, и надвор.
