Како се дочека Новата година ширум планетата?

Во Њујорк традиционално точно на полноќ беше спуштена кристалната топка на Тајмс Сквер, каде што присуствуваа илјадници луѓе, иако врнеше силен дожд


Илјадници луѓе ја дочекаа Новата година на плоштадите во Њујорк и европските престолнини. Во Њујорк традиционално точно на полноќ беше спуштена кристалната топка на Тајмс Сквер, каде што присуствуваа илјадници луѓе, иако врнеше силен дожд, пренесува АП.

Топката тешка скоро шест тони и која содржи 2.688 кристални троаголници, се спушти низ столб на Тајмс Сквер. На плоштадот настапија американската група TLC и поп-рок групата Џонас Брадрес (Jonas Brothers).

Традиционалните новогодишни свечености во Рим оваа година се посебни по тоа што се обележува Јубилејната година на Католичката црква, прослава која се одржува еднаш на четвртина век, а се очекува дека ќе доведе околу 32 милиони ходочасници во Рим оваа година.

Папа Фрањо во вторникот служеше вечерна миса во базиликата Свети Петар во Рим.

Во Париз, Новата година беше дочекана со традиционално одбројување и ватромет на Елисејските Полиња.

Новата година во Лондон беше дочекана со ватромет долж реката Темза. Меѓутоа, поради бура, свечениот дочек во Единбург, Шкотска, беше откажан.
Исто така, поради лошото време, во Холандија беше откажан новогодишниот огномет, како и традиционалното пливање во морето на плажата во Шевенинген, каде што веќе повеќе од шест децении секоја година за дочек се капат 10.000 луѓе.

Во Швајцарија, за Новата година, луѓето традиционално влегуваат во вода на ниски температури.

Во Бразил, главниот дочек на Новата година беше на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро, со огномет во траење од 12 минути. Бројот на луѓето што ја дочекаа Новата година на Копакабана ја надмина бројката од два милиона, од кои повеќето традиционално беа облечени во бело.

Повеќето европски земји ја дочекааНовата година со огномети на главните плоштади.

Претходно, Новата 2025 година беше дочекана во повеќето делови на Русија, Турција, Иран и Сирија.

Во Русија се разликуваат 11 временски зони, па така повеќе од половината на земјата се простија од 2024 година порано, пренесува BBC.

Новата година порано беше дочекана и од граѓаните на источна и југоисточна Азија, вклучувајќи ги Индија, Кина, Филипини, Малезија, Хонг Конг и Сингапур, со огномет и шоу програми со дронови.
За разлика од другите земји кои се протегаат на големи површини, во Индија Новата година беше дочекана во една временска зона, пренесува BBC.

Прославите беа намалени или откажани во Јужна Кореја поради авионската несреќа во Муан во неделата, при што загинаа 179 лица.

Претходно, Новата 2025 година стигна и во Австралија, а во пристаништето во Сиднеј беше дочекана со традиционален ватромет.

На дочекот настапи британскиот пејач Роби Вилијамс, а музиката беше посветена на домородските племиња на таа земја.

Два часа порано, Новозеланѓаните ја прославија Новата година, која во Окленд беше дочекана со ватромет, со кој беше даден омаж на автохтоните племиња.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни