Според официјално соопштение, укинувањето на процесот на приговор (remonstration) ослободило персонал за обработка на нови апликации за визи. Ако планирате да патувате во Европа ова лето и имате закажано термин за шенген виза тоа може да биде предизвик за вас.
Од 1 јули, Сојузното министерство за надворешни работи на Германија одлучи да го укине процесот на приговор за одбиени визи на глобално ниво.
Ова значи дека кандидатите чии апликации биле одбиени повеќе нема да можат да поднесат жалба.
Досега, тие можеа да побараат повторна проверка на апликацијата, сè додека тоа беше направено во рок од еден месец по добивањето на писмото за одбивање на визата.
„Оваа одлука е базирана на пилот проект спроведен во неколку германски визни оддели, каде што суспензијата на процесот на приговор беше тестирана од 1 јуни 2023 година и за шенген и за национални визи“, велат од германската мисија.
Оваа услуга досега беше бесплатна.
Зошто Германија го прави ова?
Според официјалното соопштение, укинувањето на процесот на приговор ослободило персонал за обработка на нови апликации за визи, а исто така го зголемило и капацитетот на персоналот во неколку визни оддели.
„Како резултат, стана можно да се обработуваат повеќе национални и шенген визи и да се намалат времињата на чекање во споредба со истиот период од претходната година,“ додаваат од мисијата.
Што е шенген виза?
Шенген визата е дозвола за влез за државјани кои не се дел од ЕУ, за кратка, привремена посета до 90 дена во период од 180 дена во која било земја од шенген-зоната.
Шенген зоната се состои од 29 земји: 25 земји-членки на ЕУ и четири земји кои не се членки на ЕУ (Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн).