Под влијание на моќен циклонски систем со центар над Џеновскиот залив, Македонија во следните 24 часа, односно до вторник попладне (27 јануари 2026), ќе се соочи со обилни и поројни врнежи од дожд, додека на планините ќе има интензивни снежни врнежи. Поради ваквата состојба, целата земја е во жолта и портокалова фаза на предупредување.
Најобилни врнежи се очекуваат во централните и источните делови, каде локално може да наврнат над 35 литри дожд на метар квадратен, а можно е и појава на ретки грмежи. Овие количини значително го зголемуваат ризикот од пораст на водостоите на реките и езерата, како и појава на локални поплави и излевања.
Поради продор на поладен воздух од север, во текот на ноќта и во вторник ќе дува повремено засилен северен и северозападен ветер, особено долж Повардарието. Температурите ќе бидат во опаѓање, што ќе предизвика премин на дождот во снег на повисоките места и планините над 1.000, односно 1.200–1.300 метри надморска височина.
На планините и скијачките центри се очекува значително зголемување на снежната покривка од 15 до 20 сантиметри, а локално и над 20 сантиметри, што може да создаде проблеми во планинските премини и патната инфраструктура.
Во Скопје и околината ќе има дожд, повремено пообилен, со засилен ветер од северен и северозападен правец, додека на околните планини врнежите ќе преминуваат во снег. Максималните дневни температури денес ќе се движат од 4 до 11 степени, а во Скопје околу 9 степени Целзиусови.
Надлежните апелираат на крајна внимателност, особено кај граѓаните кои се движат покрај речни корита и водотеци, како и при патување низ планинските области, поради зголемен ризик од поплави, одрони и лизгави коловози.
