Дизелот низ Европската Унија во почетокот на април е околу 30 отсто поскап отколку на крајот на февруари, а бензинот е повисок за околу 15 отсто, покажуваат најновите податоци поврзани со енергетската криза и нарушувањата на пазарот по ескалацијата на Блискиот Исток. Во исто време, разликите од земја до земја се огромни: литар дизел во Малта чини 1,21 евро, а во Холандија 2,46 евра.
Според Euronews, повикувајќи се на неделниот билтен на Европската комисија објавен на 2 април, просечната цена на Еуросупер 95 во ЕУ изнесува 1,871 евро за литар, додека дизелот е 2,076 евра за литар. Истите податоци покажуваат дека на 23 февруари просечната цена на бензинот била 1,64 евра, а на дизелот 1,59 евра, што значи раст од околу 14 до 15 проценти кај бензинот и околу 30 проценти кај дизелот до крајот на март.
Најскап дизел во ЕУ има во Холандија, каде литарот достигнува 2,46 евра. Високи цени има и во Данска со 2,36 евра, Германија со 2,29, Финска со 2,27 и Белгија со 2,23 евра за литар. Најевтин дизел има во Малта со 1,21 евро, а потоа следуваат Унгарија, Словенија и Бугарија со околу 1,62 евра за литар.
Слична е сликата и кај бензинот. Највисоки цени за Еуросупер 95 има во Холандија со 2,33 евра за литар, Данска со 2,23 и Германија со 2,13 евра, додека најниска цена повторно има Малта со 1,34 евро. Под 1,60 евро за литар се и Бугарија, Словенија, Унгарија, Шпанија, Словачка и Кипар.
Во Македонија, според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика што важи од 7 април, Еуросупер БС-95 чини 83,50 денари за литар, Еуросупер БС-98 чини 85,50 денари, а Еуродизелот 98 денари за литар. Во веста на БТА овие цени се претставени и како околу 1,35 евро за БС-95, 1,38 евро за БС-98 и 1,59 евро за дизел.
Тоа значи дека и по најновите поскапувања, горивата во Македонија и натаму се поевтини од просекот на Европската Унија. Разликата е особено видлива кај дизелот: македонската цена од околу 1,59 евро за литар е значително под просекот во ЕУ од 2,076 евра, а и бензинот БС-95 во Македонија е понизок од европскиот просек од 1,871 евро.
Сепак, иако Македонија засега останува под европскиот просек,овој трендот не е целосно изолиран од случувањата надвор. И домашните цени се под притисок на глобалниот пазар на нафта, па секое ново нарушување во снабдувањето или нов скок на суровата нафта брзо може да се прелее и кај нас.