Европската Унија се соочува со сериозен енергетски шок, откако нарушувањата во глобалните синџири на снабдување предизвикаа нагло зголемување на цените на горивата. Ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, особено во регионот на Ормускиот теснец, дополнително ја дестабилизираше пазарната рамнотежа.
Цената на нафтата во еден момент надмина 120 долари за барел, пред да се стабилизира под 100 долари по краткотрајното затишје, но сè уште останува далеку над претходните нивоа од околу 70 долари. Најголем удар бележат дизелот и авионското гориво, кои во некои сегменти пораснаа и над 200 долари по барел еквивалент.
Во дел од европските земји веќе се бележи парадоксална ситуација, дизелот е поскап од бензинот. Дополнителен проблем е структурниот дисбаланс: европските рафинерии произведуваат повеќе бензин отколку што се троши, додека дизелот недостасува, што ја зголемува зависноста од увоз.
На малопродажниот пазар, цените на горивата во повеќе држави ја надминаа психолошката граница од 2 евра за литар. Владите на Италија, Шпанија, Португалија и Полска веќе реагираа со даночни олеснувања и привремени мерки за ублажување на ценовниот шок.
Најголем притисок трпат секторите кои зависат од дизел – транспортот и земјоделството. Во Ирска се одржуваат масовни протести на фармери и камионџии, со блокади на патишта и нарушување на снабдувачките ланци. Во некои региони се пријавени и недостиг на гориво поради панично купување, што дополнително ја влошува ситуацијата.
Поради блокадите, властите биле принудени да ангажираат и безбедносни сили за одржување на редот.
Кризата веќе почнува да се чувствува и во авио-секторот. Нискобуџетната компанија Ryanair најави намалување на дел од летовите, предупредувајќи дека летниот распоред може да не се реализира во целост доколку недостигот на авионско гориво продолжи.
Експертите предупредуваат дека доколку тековните нарушувања продолжат, Европа може да се соочи со долгорочни последици, од нов бран инфлација до дополнително оптоварување на индустријата и секојдневниот живот на граѓаните.