Најновиот и најголем брод на Disney Cruise Line, „Disney Adventure“, официјално влезе во историјата откако на 2 февруари успешно го помина Панамскиот канал, поставувајќи рекорд како најголемиот крузер што некогаш транзитирал низ оваа стратешка водена рута.
Со бруто-тонажа од 208.000 тони, што претставува за околу 24 проценти поголем од својот претходник, бродот го надмина рекордот што со години го држеше „Norwegian Bliss“. Транзитот се одвиваше низ модерните Неопанамакс брави кај Агва Клара, каде просторот за маневрирање беше сведен на минимум: само осум стапки од секоја страна.
Рекорд на граница на можностите
Долг 342 метри и широк 46,4 метри, „Disney Adventure“ влезе речиси до крајните технички капацитети на каналот. Неопанамакс бравите, пуштени во употреба во 2016 година по инвестиција вредна повеќе од 5 милијарди долари, можат да примат бродови со максимална должина од 370 метри и ширина од 51,25 метри.
Администраторот на Панамскиот канал, Рикаурте Васкес Моралес, лично му врачи комеморативна плакета на бродот во знак на признание за историскиот транзит, додека од управата на каналот посочија дека новиот рекорд ја надминува претходната граница за околу 40.000 бруто-тони.
Историјата на „Disney Adventure“ е речиси филмска. Бродот првично бил нарачан под името „Global Dream“ од компанијата Dream Cruises, дел од Genting Hong Kong. По банкротот на бродоградилиштето MV Werften и матичната групација во 2022 година, проектот остана недовршен.
Disney Cruise Line го купи бродот во ноември истата година, а неговото финализирање беше доверено на германското бродоградилиште Meyer Werft. Денес, „Disney Adventure“ е еден од само трите крузери во светот со над 200.000 бруто-тони и првиот од таа класа што поминал низ Панамскиот канал.
Пат кон првото патување
Во моментот на транзитот, бродот патуваше исклучиво со екипаж и персонал. По застанувањата во Порт Канаверал и Курасао, следна станица е Лос Анџелес, а потоа Токио и конечната дестинација – Сингапур, каде „Disney Adventure“ ќе го започне своето прво комерцијално патување на 10 март 2026 година.
Бродот може да прими повеќе од 6.700 патници во 2.111 кабини, со екипаж од околу 2.500 луѓе. Меѓу атракциите се наоѓа и „Marvel Landing“ со најдолгиот ролеркостер на море, како и „Disney Imagination Garden“ со трокатен замок во центарот на палубата.
Транзитот на „Disney Adventure“ доаѓа во период на зголемен сообраќај низ Панамскиот канал. Според најавите, во фискалната 2026 година се очекуваат повеќе од 40 транзити на Неопанамакс крузери, што дополнително ја нагласува улогата на каналот како клучна артерија за глобалната крузинг-индустрија.
