Дипломатија или нова војна? Иран предупредува на „хаос во регионот“

Иран најавува подготвеност за компромис околу нуклеарната програма, но бара укинување на санкциите. САД предупредуваат на можни напади, а Техеран стравува од „хаос во регионот“ доколку пропадне дипломатијата.

Иран е подготвен да разгледа компромиси за да постигне нов нуклеарен договор со САД, но само доколку Вашингтон покаже подготвеност да разговара за укинување на санкциите, изјави заменик-министерот за надворешни работи Маџид Тахт-Раванчи во интервју за Би-Би-Си.

Од американска страна, пак, повеќепати беше посочено дека токму Техеран го кочи напредокот во долгогодишните преговори. Американскиот државен секретар Marco Rubio изјави дека претседателот Donald Trump преферира договор, но дека со Иран е „многу тешко“ да се постигне.

Преговори во Оман и нова рунда во Женева

САД и Иран одржаа индиректни разговори во Оман на почетокот на февруари, а нова рунда се очекува во вторник во Женева. Тахт-Раванчи ги оцени досегашните контакти како „повеќе-помалку позитивни“, но нагласи дека е рано за конечна проценка.

Како доказ за подготвеност на компромис, Техеран понудил разредување на ураниумот збогатен на 60 проценти – ниво блиску до она потребно за изработка на нуклеарно оружје. Иран, сепак, постојано негира дека има амбиции за развој на нуклеарно оружје.

Русија, која според договорот од 2015 година прифати да преземе 11.000 килограми ниско збогатен ураниум, повторно понудила да го преземе материјалот. Тој договор, од кој САД се повлекоа во 2018 година, останува клучна референтна точка во преговорите.

Еден од клучните спорни моменти е барањето на Вашингтон за целосен прекин на збогатувањето на ураниумот. Техеран тоа го смета за „црвена линија“ и кршење на неговите права според Договорот за неширење на нуклеарно оружје.

„Прашањето за нулто збогатување повеќе не е на маса“, изјави Тахт-Раванчи, што е во спротивност со изјавата на Трамп дека САД „не сакаат никакво збогатување“.

Иран, исто така, одбива да разговара за својата балистичка ракетна програма – барање кое го поддржува Израел, со оглед дека тие ракети се насочени кон израелска територија.

Воена ескалација или дипломатски пробив?

Во меѓувреме, САД ја зајакнуваат својата воена присутност во регионот. Иран предупредува дека евентуален напад би довел до „хаос во целиот регион“, додавајќи дека американските бази би ги сметал за легитимни цели во случај на конфликт.

„Ако почувствуваме егзистенцијална закана, ќе реагираме соодветно“, порача Тахт-Раванчи, оценувајќи дека нова војна би била „трауматична и лоша за сите“.

Регионалните актери, според иранските претставници, се залагаат за избегнување војна, додека Оман останува главен посредник во комуникацијата меѓу двете страни.

И покрај скептицизмот на дел од аналитичарите, Иран најавува дека на разговорите во Женева ќе пристапи со надеж за договор – но очекува и Вашингтон да ја докаже својата искреност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни