„Во тој момент сфативме дека ова не е само идеја – ова е нешто што навистина функционира. Луѓето реагираа веднаш, беа подготвени да помогнат. Тоа ни даде сила да продолжиме и да ја претвориме иницијативата во трајна хуманитарна акција,“ вели Дина.
До денес, преку „Плати сметка“ се помогнати речиси 500 семејства, со вкупна поддршка од околу 200.000 евра. Сѐ тоа е овозможено од луѓе кои сакаат да помогнат – од донации, без бирократија, без компликации, директно до оние на кои најмногу им треба.
Но приказната на Дина не завршува тука. Таа е и фронтенд девелопер која на 33 години го направила најголемиот пресврт во својата кариера. „Големиот мит е дека мораш да почнеш млад за да успееш во ИТ. Тоа не е точно. Со добра организација, јасна цел и волја – сѐ е можно,“ вели таа.

Покрај програмирањето и хуманитарната работа, Дина е диџејка која пушта музика по клубови, возач на мотор што руши мажи со брзината, и организаторка на конференции. Таа е доказ дека не мораш да избереш само еден идентитет – можеш да бидеш и креативна, и техничка, и слободна, и дисциплинирана, и емпатична – сѐ во исто време.
„Сакам да ги мотивирам сите жени – и мажи – кои имаат некоја идеја или сон, да не се откажуваат. Не постои совршен момент – моментот е сега.“
Дина е симбол на новата генерација жени – тие што не прашуваат дали можат, туку едноставно прават.
И го менуваат светот.