Во нашиот свет денес, кој паралелно се одвива и во онлајн сферата, дигиталната инклузија е исклучително потребна како секој поединец би можел да биде еднакво вклучен во сите тековни одвивања. Дигиталната инклузија подразбира принцип на создавање дигитални технологии и онлајн ресурси достапни и употребливи за сите поединци, без оглед на нивното физичко, когнитивно или социо-економско потекло. Тоа вклучува дизајнирање дигитални платформи и алатки на начин кој ги зема предвид различните потреби и способности на корисниците, вклучувајќи ги и оние со попреченост, ниско ниво на писменост, ограничен пристап до технологија и други бариери за дигитално вклучување. Дигиталната инклузивност е од суштинско значење за обезбедување еднакви можности за пристап и користење на дигиталните ресурси за образование, вработување, комуникација и други цели.
Дигиталната инклузивност за лицата со попреченост значи дека дигиталните технологии и се дизајнирани на начин кој ги зема предвид различните потреби и способности на лицата со попреченост. Ова би значело дека дигиталните платформи и алатки се пристапни за луѓето со визуелни, аудитивни, моторни или когнитивни оштетувања, како и за оние со привремени или ситуациони попречености, како што се слаб вид или губење на слухот. Главниот предизвик со кој се соочуваат лицата со попреченост при употреба на медиумите е недостатокот на функции за пристапност. Многу медиумски платформи и уреди не вклучуваат функции како што се затворени титлови (текстуална репрезентација на аудио/визуелниот запис), аудио опис, брајово писмо или толкување преку знаковен јазик, што го отежнува или целосно им го оневозможува пристапот до информации на лицата со попреченост, а уште помалку дозволува да се вклучат и да остварат интеракција со содржината. Овој недостаток на пристапност не само што создава бариери за лицата со попреченост, туку и ги зајакнува штетните стереотипи и практиките на исклучување.
Позитивен пример во таа смисла кај нас е промоцијата на дигиталната алатка “Кико“ и “Хана“ кои се аудио читачи на македонски и албански јазик достапни за сите оперативни системи. Ова е исклучително значаен чекор кон дигитална, а и севкупна инклузија за лицата со оштетен вид.
Дигиталната инклузија се одвива на неколку нивоа, односно преку подигање на медиумската писменост меѓу лицата со попреченост, активно залагање и застапување за создавање пристапни содржини за сите категории на лица, и одговорност од произведувачите на уреди и технологии да создаваат инклузивни и пристапни функции за сите. Медумската писменост за лицата со попреченост подразбира знаење и вештини да се надминат овие бариери, односно разбирање на различните типови и начини за пристап до одредени функции на социјалните мрежи.
Покрај стекнување на способноста лицата со попреченост да се снајдат со постоечките функционалности на дигиталниот свет на информации, клучен инструмент во оваа борба е и активното залагање и застапување за создавање пристапни содржини за сите категории на луѓе. Ова значи разбирање на законските критериуми за пристапност и механизмите за пријавување на прекршувања во оваа смисла, како и залагање за унапредување на законската рамка и механизмите на заштита. Сепак покрај индивидуалните и колективните напори, еден од најважните фактори е компаниите кои произведуваат уреди и технологии да инвестираат во функции за пристапност, да одржуваат консултации со заедниците на лица со попреченост во однос на дизајнот и содржината, и да преземат одговорност при сторени прекршоци на стандардите за пристапност.
Дигиталната инклузија е исклучително влијателна врз генералната перцепција која постои и се креира за лицата со попреченост, односно потребна ни е критичка анализа на нивното претставување во медиумите. Негативни и стереотипични прикази на попреченостите само дополнително допринесуваат кон дискриминација и стигматизација, додека позитивни и соодветни прикази може да ги предизвикаат овие ставови и да промовираат инклузивност.
Реалниот и дигиталниот свет се огледало и рефлексија еден на друг, што поголема инклузија во едниот природно ќе се рефлектира и во другиот и може да значи придвижување кон целосна општествена промена кон разбирање, еднаквост и инклузија.Намалувањето на дигиталниот јаз подразбира дека лицата со попреченост ќе се стекнат со еднакви можности за пристап и користење на дигиталните ресурси за образование, вработување, комуникација и општествено учество. Исто така, може да доведе до поголема независност и автономија за лицата со попреченост, овозможувајќи им пристап до информации, услуги и поддршка на понавремен и поефикасен начин. Заедничка одговорност е секојдневно да се залагаме за дигиталната инклузивност, да промовираме социјално вклучување и намалување на стигмата и дискриминацијата поврзани со попреченоста.