Во „Синема Галери“ во Брисел се одржа европската премиера на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“, режисерско деби на Георги Унковски. Настанот привлече претставници на европските институции, дипломати, филмски професионалци, гости и љубители на филмската уметност.
Пред почетокот на проекцијата се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој оцени дека прикажувањето на македонски филм во срцето на Европа претставува значаен успех и потврда за квалитетот на домашната кинематографија.
„Чест ми е што вечерва, овде во срцето на Европа, во Брисел, го одбележуваме премиерното прикажување на македонскиот игран филм ‘Диџеј Ахмет’. По оваа проекција, верувам дека сите ќе почувствуваме колку филмот може истовремено да биде длабоко локален по својата приказна, а сепак универзален по емоцијата и пораката што ја носи“, истакна министерот Љутков.
Тој упати пофалби до авторскиот и продуцентскиот тим, нагласувајќи дека филмот достоинствено ја претставува државата на европската сцена и е доказ за зрелоста, креативната храброст и меѓународниот потенцијал на македонската кинематографија.
Министерот посочи дека филмот е резултат и на силна меѓународна соработка и доверба меѓу партнерски институции, додавајќи дека заедничката работа создава вредности што ги надминуваат националните граници.
„Ова не е само уметничко дело, туку резултат на соработка, доверба и заедничка визија. Копродукциските проекти се одлична можност нашите автори и продуценти да станат дел од поширока европска мрежа, да добијат пристап до нови пазари и нова публика и на тој начин малите кинематографии да бидат рамноправен и видлив дел од европскиот аудиовизуелен простор“, рече Љутков.
По проекцијата се одржа панел-дискусија посветена на улогата и значењето на копродукциите во европскиот аудиовизуелен простор. На дискусијата беше истакнато дека ваквите партнерства се клучни за развојот, видливоста и конкурентноста на европскиот филм.
Европската премиера и панел-дискусијата претставуваат уште една потврда за активното присуство на македонската култура во европскиот простор и за континуираната заложба за продлабочување на културната соработка со европските партнери.