Девојче присуствувало на операција на мозок – лекарите ослободени од вина

Окружниот суд во Грац денес ги ослободи од обвинение две лица неврохирур и нејзиниот колега, кои беа обвинети дека ѝ дозволиле на 12-годишната ќерка на докторката да асистира за време на итна операција на мозок во јануари 2024 година.

Судот утврди дека нема докази дека девојчето пробушило черепна коска на пациентот, иако било присутно во операционата сала под надзор на мајката и друг лекар, пренесува Шпигел. Поради тоа, двајцата лекари се ослободени од обвинението за нанесување телесни повреди од небрежност.

Информацијата за наводниот инцидент излезе во јавност по анонимна пријава до полицијата, половина година по операцијата. Според австриските медиуми, неврохирурот наводно им раскажала на колегите дека нејзината ќерка помогнала при интервенцијата, што ја поттикнало истрагата.

На судењето, таа го повлече тврдењето, објаснувајќи дека станувало збор за „целосно глупав мајчински занес“, и дека девојчето само ја ставило раката на инструментот кој во тој момент го користела друга лекарка.

Пациентот, 33-годишен маж со тешка повреда на главата по несреќа, сведочеше дека бил длабоко потресен кога дознал за наводното присуство на дете во операцијата, иако самата интервенција поминала без компликации.

„Имав непроспиени ноќи мислејќи дека 12-годишно девојче ми ја бушело черепната коска,“ изјави тој пред судот.

Судот: Етичките прашања не се предмет на оваа пресуда

Обвинителството го опиша случајот како сериозно „непочитување на пациентот“, но судијата истакна дека судот одлучува врз основа на докажливи факти, а не врз основа на етички оцени.

Бидејќи доказите не ја потврдија обвинителната теза, судот донесе ослободителна пресуда. Пациентот е упатен да ги бара можните обесштетувања во граѓанска постапка.

Пресудата не е правосилна.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни