Во 2024 година, 89% од новороденчињата во светот или околу 115 милиони примиле барем една доза од вакцината против дифтерија, тетанус и пертусис (DTP), а 85% – приближно 109 милиони – ја комплетирале целата тридозна серија, според новите податоци за национална имунизација објавени денес од Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ.
Во споредба со 2023 година, околу 171.000 повеќе деца примиле барем една вакцина, а еден милион повеќе ја комплетирале целата серија од три дози DTP. Иако придобивките се умерени, тие покажуваат континуиран напредок во напорите на земјите да ги заштитат децата, и покрај растечките предизвици.
Сепак, речиси 20 милиони бебиња пропуштиле барем една доза од DTP вакцината во изминатата година, вклучувајќи 14,3 милиони деца без ниту една примена вакцина („нула-доза“ деца). Тоа е 4 милиони повеќе од целта за 2024 година за да се задржи напредокот кон целите на Агендата за имунизација до 2030 година, и 1,4 милиони повеќе отколку во 2019 година, која се користи како основна година за следење на напредокот. Состојбата е алармантна и во Европа.
“Вакцините спасуваат животи, дозволувајќи им на поединци, семејства, заедници, економии и цели нации да напредуваат,” изјави д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, Генерален директор на СЗО.
“Охрабрувачки е што гледаме континуиран пораст на бројот на вакцинирани деца, но сè уште имаме многу работа. Драстичните намалувања на помошта и дезинформациите за безбедноста на вакцините го загрозуваат напредокот постигнат со децении. СЗО ќе продолжи да соработува со партнери за да им помогне на земјите да развијат локални решенија и да ги зголемат домашните инвестиции за да се постигне целосна покриеност.”
Пристапот до вакцини останува длабоко нееднаков
Податоците од 195 земји покажуваат дека 131 земја постојано постигнува најмалку 90% покриеност со првата доза од DTP вакцината од 2019 година, но не се забележува значително проширување на оваа група. Од земјите што имале помалку од 90% покриеност во 2019, само 17 успеале да ја зголемат покриеноста во последните пет години. Во 47 земји, напредокот стагнира или се влошува – вклучувајќи 22 земји кои имале над 90% покриеност во 2019, но сега бележат пад.
Конфликтите и хуманитарните кризи драматично го нарушуваат напредокот. Четвртина од сите новороденчиња во светот живеат во само 26 земји зафатени со кризи, но тие претставуваат половина од сите невакцинирани деца. Загрижувачки, во овие земји бројот на невакцинирани деца пораснал од 3,6 милиони во 2019 на 5,4 милиони во 2024.
Подобрена покриеност во земјите со поддршка од ГАВИ
Покриеноста во 57 земји со ниски приходи, поддржани од ГАВИ – Алијансата за вакцини, се подобри во последната година, со намалување на бројот на не- и недоволно вакцинирани деца за околу 650.000.
Но, знаци на намалување на покриеноста се појавуваат во земји со средни и високи приходи, кои претходно имаа висока покриеност. Дури и мали падови можат да предизвикаат сериозни епидемии и да ги оптоварат здравствените системи.
“Добрата вест е дека достигнавме до повеќе деца со спасоносни вакцини. Но, милиони остануваат незаштитени од болести што можеме да ги спречиме – и тоа треба да нè загрижува сите,” изјави Кетрин Расел, извршен директор на УНИЦЕФ.
Поголема заштита од болести што можат да се спречат со вакцини
И покрај тешкотиите, земјите – особено со поддршка од ГАВИ – продолжуваат да воведуваат нови вакцини и да ја зголемуваат покриеноста против HPV, менингитис, пневмокок, полио и ротавирус.
Во 2024 година, 31% од девојчињата во адолесцентна возраст примиле барем една доза на HPV вакцина, со значителен раст од 17% во 2019 година. Најголем дел од дозите биле дадени во земји кои користат еднодозна шема.
“Во 2024, земјите со пониски приходи заштитија повеќе деца од кога било, со зголемена покриеност кај сите вакцини поддржани од ГАВИ,” рече д-р Санија Ништар, извршен директор на ГАВИ.
“Но, растот на популацијата, нестабилноста и конфликтите се големи пречки кон постигнување еднаквост и заштита на најранливите.”
СЗО: Покриеноста со морбили е сè уште под оптималната
Покриеноста со вакцината против морбили се зголеми: 84% од децата ја примиле првата доза и 76% ја примиле втората доза.
Сепак, тоа е далеку од потребните 95% за заштита на заедниците од епидемии.
Во 2024, над 30 милиони деца останале недоволно заштитени од морбили. Бројот на земји со големи епидемии на морбили речиси се удвои – од 33 во 2022 на 60 во 2024.
Ветувањето да се заштити секое дете е под закана
Иако побарувачката за вакцинирање останува висока и се воведуваат нови вакцини, најновите проценки покажуваат загрижувачки тренд и тоа поради намалувањето на финансирањето и глобалната нестабилност, како и појава на дезинформации за вакцините
можат да го забават или поништат напредокот, што би довело до зголемена смртност од болести што можат да се спречат со вакцини.
СЗО и УНИЦЕФ повикуваат на итни мерки: Затворање на финансирањето за следниот циклус на ГАВИ (2026–2030), засилување на имунизацијата во конфликтни и кризни подрачја, приоритизирање на локални стратегии и домашни инвестиции.