Десничарот Хозе Антонио Каст избран за нов претседател на Чиле

Хозе Антонио Каст победи на претседателските избори во Чиле со 58 отсто од гласовите, означувајќи најостар политички пресврт надесно од крајот на воената диктатура.

Хозе Антонио Каст победи на претседателските избори во Чиле во неделата, искористувајќи го стравот на гласачите од растечкиот криминал и миграцијата, а политиката на јужноамериканската држава сега се наоѓа во најостар пресврт надесно од крајот на воената диктатура во 1990 година, јавува Ројтерс.

Каст обезбеди убедливи 58 отсто од гласовите во вториот круг против левичарската кандидатка Жанет Хара, која освои 42 отсто и брзо му ја призна победата на својот противкандидат. Во текот на својата повеќедецениска политичка кариера, Каст беше познат како тврдокорен десничар. Тој предлагаше изградба на ѕид на границата, испраќање на војската во области со висока стапка на криминал и депортација на сите илегални мигранти во земјата.

Неговата победа го означува најновиот триумф на десницата, која повторно зајакнува во Латинска Америка. Каст им се придружува на Даниел Нобоа од Еквадор, Најиб Букеле од Ел Салвадор и Аргентинецот Хавиер Милеј.

Гласачите загрижени поради криминалот

Кампањата беше трета претседателска кандидатура на Каст и вторпат тој стигна до втор круг на изборите, откако во 2021 година загуби од левичарскиот претседател Габриел Борич. Многу Чилеанци претходно го сметаа за премногу екстремен, но овојпат тој привлече гласачи кои сè повеќе се загрижени поради криминалот и имиграцијата.

„Неговата убедлива победа, дури и во делови од Чиле кои традиционално гласаат за леви кандидати, веројатно е поттикната и од тоа што многу гласачи ја отфрлија Хара, сметајќи ја за премногу радикална поради членството во Комунистичката партија“, изјави политикологот од Универзитетот во Чиле, Клаудија Хајс.

Поделен Сенат

Предлозите на Каст вклучуваат формирање полициски сили инспирирани од американската Служба за имиграција и царина, со цел брзо приведување и протерување на илегалните мигранти. Тој, исто така, најавуваше масовно намалување на јавната потрошувачка.

Чиле е најголемиот светски производител на бакар и еден од водечките производители на литиум, а очекуваното намалување на регулацијата и спроведувањето на пазарно ориентирани политики веќе ги поттикнаа локалната берза, пезото и референтните вредности на акциите.

Сепак, порадикалните предлози на Каст веројатно ќе наидат на отпор во поделен парламент. Десничарските партии освоија места во двата законодавни дома на општите избори во ноември, но најголемиот дел од тие места им припаднаа на потрадиционалните партии.

Сенатот е рамномерно поделен меѓу левите и десните партии, додека во долниот дом на парламентот предност има популистичката Народна партија. „Каст ќе мора да задоволи широка гласачка база“, изјави политичкиот аналитичар и професор на Универзитетот Валпараисо, Гиљермо Холцман.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни