Во Нови Сад денеска се одбележуваат 10 месеци од трагичниот настан кога се урна надстрешница на железничката станица, при што загинаа 16 лица.
Граѓанската иницијатива повика на собирање и оддавање почит со 16 минути тишина во 11:52 часот, времето кога се случила несреќата. Истиот ден, во 19:00 часот, средношколците повикаа на собирање во кампусот на Универзитетот во Нови Сад.
Во Белград, студенти и ученици кои учествуваат во блокадата најавија комеморативен марш вечерва во 18:30 часот.
Според локални извештаи, деканот на Факултетот за физичка култура во Нови Сад рано утринава влегол преку прозорецот на факултетот и повикал полиција. Пред зградата на Факултетот за спорт и физичко воспитување (ДИФ) во Нови Сад пристигнало полициско засилување, вклучувајќи припадници на интервентната единица и жандармеријата, потврди Н1.
„Според информациите што ги имаме, маскирани лица во понеделникот наутро го скршиле прозорецот на зградата и влегле во просториите на факултетот. Потоа е повикана полицијата, која во опрема за разбијaње демонстрации го блокирала пристапот до зградата. Со тоа уште една институција во универзитетскиот кампус е ставена под полициска контрола“, стои во соопштението.
Додека на главниот влез траеше судирот со полицијата, повеќе студенти успеале да влезат во зградата преку прозорец. Полицијата со штитови ги одгура протестантите.
Академската мрежа Слободен универзитет остро го осуди нападот врз студентите на ДИФ, нарекувајќи го „директен удар врз автономијата на универзитетите“.
Нешто после осум часот наутро, непознато лице го симнало транспарентот од зградата на ДИФ, кој студентите во блокада го поставија пред неколку месеци.
На транспарентот пишуваше:
„Тука не тепаа на 28.4.2025. Кој е виновен?“
На него имаше и фотографија од денот кога деканот Патрик Дрид првпат влезе со полиција во зградата.
Барање за дијалог со деканот
Студентите бараат деканот лично да излезе и да разговара со нив, или да бидат пуштени во зградата за да го направат тоа.
Една студентка се обидела да влезе преку прозорец, но била запрена од припадници на интервентната единица.
Истовремено, родители, ученици и наставници протестираат пред Петтата белградска гимназија.