Изјава која ме шокира деновиве. Изјава која ме инспирира да се запрашам дали сум страшна, јас која живот цел се декларирам како феминистка. Да се запрашам дали е страшно да се верува дека секој треба да има еднакви права и можности во опшеството?
Пред да означиме дека е нешто страшно, опасно, „вера на проклетите“ знаеме ли дека тоа е вековна борба за почитување на различните женски искуства, идентитети, знаења и силни страни, но и стремеж да се поттикнат сите жени да ги остварат своите целосни права и потенцијали.
Феминизмот се бори против родовите стереотипи и бара еднакви образовни и професионални можности за жените. Феминистките работат за правата на жените, оние основните, кои за миг мислиме сме ги достигнале, сме ги оствариле, како правото на работа, родовиот јаз во платите, образованието, да имаат еднакви права и почитување во бракот, но и да имаат платено породилно отсуство. Не е тоа само слепа борба против изјавата : „Местото на жената е во кујната.“
Феминистките започнале како политички движења , кои се обидувале да ги креират нови равенки во животот , нови патеки за животот на жените и овозможување на права, на одлуки, на слушање на нивниот глас. И токму оваа идеологија ме опсипувала од детството, ме мотивирала , ме обојувала, посебно во миговите кога сум гледала ранливи девојки кои прерано стапуваат во брак поради ограничени економски можности, кога сум гледала жени жртви на семејно насилство, кои се плашат да излезат од пеколот немајќи каде да одат, кога сум гледала жени во полето кои работат неуморно, на ниви кои се имот на нивните мажи, браќа и татковци. Идеологијата на бабата која ме учеше да сум храбра и независна, да учам и да напредувам, да се борам и верувам, да сум чесна и упорна. Како да верувам дека идеологијата на феминизмот, идеологијата на баба ми од кој никој не загинал, туку многу животи се поправиле, е непријател , е нешто страшно и нешто од кое треба да се срамиме.

Во нашето општество, мажите и жените сè уште се прикажани како Венера и Марс, црно-бело, две поларни спротивности кои може да се надополнуваат една со друга, но не се еднакви. Што неминовно го наметнува прашањето: Колку жените треба да работат само за да стигнат до почетната точка што мажите веќе ја имаат?
Зошто жените мора да посетуваат курсеви за лидерство, школи за активизам, школи за гласно говорење, а мажите не. Се раѓаат ли тие благословено подготвени за лидерските позиции?
Зошто секогаш на масата каде се донесуваат одлуки жените седат со сомнеж во себе? Зошто жените ги квалификуваме на млади, на плавуши, на невредни за почит?
Зошто жените за да успеат мора „благослов“ да добијат од некој маж, од некоја сенка, од некој кој одлучува… а не да се докажуваат, да се борат, да сонуваат.
Иако минале децении од првите протести на феминистките, првото добивање на правото на глас, мислам дека борбата што сега ја води жената е далеку подалекусежна од која било друга, со развојот на дигитализацијата и развојот на социјалните медиуми. Токму напредокот на светот, очигледно стана непријател на развојот на феминизмот, но и непријател на развојот и напредокот на жените.
Говорот на омраза, повикувањето на линч, исмевањето, постирањето на слики, демнењето, онлајн вознемирувањето се непријатели и гласни воини на анти-феминистичките движења, кои убијаќи ја самодовербата на жените, убиваат цела една вековна битка, една замисла и иднина за многу жени и девојки.

И жалам што не говориме за нови победи и развој на феминизмот, за движењата на млади девојки и научнички, за зголемен број на жени на позиции и меѓусебната солидарност. И жалам што пред една деценија сум пишувала за борбата за право над сопственото тело, правото на абортус, правото на сопствени соништа.
И сега наместо да пишувам број на победи, јас се прашувам за вековни прашања, за вековни извојувани победи, кои оние кои се плашат од силата на жените ги негираат и исмеваат. Зошто жените со право над сопственото тело, се борат за право за над сопствените соништа и напредок?
Жалам што читам борби за дефиници, за манипулации, за клетки во телото кои имаат пол, но немаат интелект, за книги кои не смеат да се читаат во време на достапност на секоја информација, во време на напредок и комплетно дигитализирано општество.
Жалам што некако останувам нем сведок на жените кои аплаудираат на укинување на Истанбулска конвенција, онаа која им гарантра заштита од секој вид на насилство. Жалам што останувам нем сведок на аплаузите кои жените ги даваат на мажи кои ги убедуваат дека неплатената работа дома е одраз на љубовта кон семејството, дека нивното тело според нечија дефиниција е вредно само ако створи нови живот и даде дете, дека нивната дефиниција во светот е прегратката на некој маж. Жалам што жени аплаудираат на враќањето на патријахатот, а јас викам во себе, и сепак сум нема и тивка.
Жалам што системот се бори да им даде надеж, можност и прилики на жените и младите девојки, а тие исплашени бегаат и ги игнорираат можностите кои им се отворени.
Да се бега ли од феминизмот во 21виот век и да се приклони човек во „безбедната сенка на традиционализмот“ е прашање кое се почесто си го поставувам себе?

Да се убие самодовербата на жените, да се жигосаат како непријателки оние кои мислат со своја глава, не се покоруваат на заканите на мажите, кои издржуваат онлајн повици за линч над нив, оние кои сакаат да успеат сами наместо низ рацете на некој маж, е битката за која сме тука?
Ќе градиме ли генерации на девојки кои на феминизмот, на можноста да имаат свои соништа за да го променат светот ќе гледаат со страв и непотребност, а на феминизмот со потсмев?
Ќе градиме ли тивки жени кои итаат кон надворешно совршенство, а внатрешна празнотија? Ќе градиме ли опшество каде се убедуваме дека сме еднакви, ама во кое жените најдобро е да се тивки?
Ќе немаме ли приказни на успешни жени кои се менторки, кои сами креирале империи и кои мотивираат, поттикнуваат, охрабруваат? Ќе ја наведнуваме уште ли главата кога не прашаат: кога ќе се мажиш, замрзна ли јајце клетки да те чекаат кога ќе завршиш со лудите кариери кои си ги замислила, знаеш ли дека мажите не сакаат ваква како тебе?
Ни требат ли мажите да ни дозволат напредок, успех, позиции…додека се откажуваме од она кое го успеале нашите прабаби.
Многу прашања за една феминистка…која деновиве разбрав дека е страшна, а не убила никого, сем зборовите кои не ги врискала под притисокот на замислените мажи кои мислат дека правилата се од нив и за нив….