Денеска излегува од печат книгата на Саркози за „суровиот затворски живот“

Поранешниот француски претседател Никола Саркози денеска ја објавува својата книга во која го опишува затворот во кој помина 20 дена како „бучен, суров, целосно сив свет на нечовечко насилство“.

Во делото тој дава и политички совети за тоа како неговата конзервативна партија може да придобие гласачи од крајната десница.

Книгата „Дневник на еден затвореник“, која од денес е во продажба, ја претставува неговата лична перспектива по осудата за нелегално финансирање на претседателската кампања во 2007 година со пари од Либија, пренесува AP. Саркози наведува дека неговиот дотогашен строг став кон криминалот добил „нова димензија“ откако и самиот се соочил со затворскиот систем.

По пресудата во септември, Саркози беше осуден на пет години затвор, но поднесе жалба и беше пуштен на слобода под судски надзор по само 20 дена. За тој период тој беше сместен во самичкиот дел од парискиот затвор Ла Сантe, изолиран од другите затвореници поради безбедносни причини.

Опишува дека неговата ќелија изгледала како „евтин хотел со блиндирана врата и решетки“, со тврд душек, пластично перниче и туш од кој течел само тенок млаз млака вода. Ноќната бучава ја нарекува „заглушувачка“, а атмосферата „заканувачка“.

„Добредојдовте во пеколот. Најнечовечкото насилство беше секојдневна реалност во ова место“, пишува Саркози, прашувајќи се дали затворскиот систем навистина може да ги ресоцијализира казнетите лица.

Во самицата, единствените прекини на осаменоста биле редовните посети од неговата сопруга, манекенката и пејачка Карла Бруни Саркози, како и од адвокатите.

Покрај описите на затворскиот живот, Саркози им дава и стратешки совети на Републиканците, неговата конзервативна партија. Во книгата открива дека од затвор имал телефонски разговор со лидерот на крајната десница, Марин Ле Пен, која некогаш беше негов силен политички противник.

Тој пишува дека „Националното обединување“ на Ле Пен не претставува опасност за Републиката, иако, како што вели, имаат различни ставови за економијата и различна политичка историја. Сепак, признава дека партијата претставува голем дел од Французите и учествува во демократските процеси.

Саркози, кој е првиот француски претседател од 1945 година што завршил во затвор, оваа недела започнува книжевна турнеја за промоција на новото дело. На 13 декември ќе се појави во париското предградие Неји-сир-Сен, каде што ќе ја почне кампањата за претставување и потпишување на книгата, пренесе BFM.

Доколку Апелациониот суд во март ја потврди неговата пресуда, Саркози би можел повторно да се врати во затвор и тоа за подолг период.

Поранешниот претседател се соочува и со уште едно судење поврзано со наводи дека се обидел да го сокрие случајот со финансирањето на кампањата со притисок врз сведокот, француско-либанскиот бизнисмен Зијад Такиедин, кој тврдел дека носел торби со пари од Триполи во француското Министерство за внатрешни работи, а потоа ја повлекол својата изјава.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни