Трн: Ова е јубилејна година за „Букстар“, 10 години од основањето, но и 25 години за „Антолог“. Што би издвоиле како клучни моменти во текот на изминатата деценија на „Букстар“? Како се променил концептот на фестивалот во споредба со неговите почетоци?
Жарко: -Не знам колку е познато, но во 2015 „Антолог“ почна манифестација со едно звучо име – Фестивал на европската литература „BookStar“ (книжевни ѕвезди) со тим од двајца вработени, со речиси никаков background, но буквално со мал милион амбиции и планови. По метаморфозата во десет чекори стигнавме до годинашниот јубилеј кој симболички значи исполнетост на повеќето од тоа за што сме мечтаеле во овој распон од нула до десет. Мислам дека две клучни години во развојот на Фестивалот се 2019 и 2020 година кога едно до друго се споени убавото и грдото.
Фестивалското издание под слоганот ОТАДЕ од 2019 беше првото каде што сите гости беа во исто време, на исто место, на иста фреквенција, а форматот најмногу наликуваше на тоа што сакавме да го постигнеме од самиот старт. Таа година од секаде бликаше една таква жестока и cool енергија – МКЦ бруеше, писателите кој од кој поинспиративен, публиката заинтересирана, фестивалскиот идентитет по мерка, медиумската поддршка – одлична. Неверојатно е дека имаше по три-четири барања за интервјуа со медиуми за секој гостин, што не се случило никогаш претходно, па ни потоа. Значи тоа е октомври 2019, ние сме на крилјата на екстазата.
Некаде февруари следната година, најпрво, без какво било образложение ја губиме институционалната поддршка, а веднаш потоа се случува и КОВИД-19. Од сите страни Ѓорѓи сардисан. Егзистенцијална криза до максимум. Ама нашиов народ не издржал пет века јарем поради тоа што течело мед и млеко. Преживеал од пркос и инат. Ете тоа проработе во нас во таа 2020-та. Гордоста. Кај Његош има еден збор што го обожавам: чојство. Ете тоа проработе. Да се бориме против едно чудовиште што не знаевме колку ќе трае и што ќе однесе со себе. Решивме да го организираме најдоброто можно издание без оглед на сите неповолни околности со кои се соочуваме. Зашто ако ние се предадеме, се предаваме и во име на сето она што со години е создавано со љубов. Се предаваме не само во име на „Букстар“, туку во име на цела култура од минатите децении. На Блаже, Петре, Гане, Славко. И таа година кога се мислеше дека Фестивалот ќе падне и пу-пу не важи – значи без поддршка, среде карантини, Кинотека на Македонија ни подава рака и ни го ослободува просторот, ние го договараме најзвучното име дотогаш во нашата историја – Николо Аманити за добитник на наградата „Букстар“, договараме уште седум-осум врвни писатели и настани од Европа и Македонија, Милчо Манчевски со мега изложба на фотографии во МСУ, итн. Мислам дека таа година сериозни фестивали од големи држави за кои „Букстар“ е смешка не можеа да се соземат, а ние докажавме пред сè себеси како се прави фестивал со нула денари и среде пандемија. Оттогаш еве минуваат пет години, концепциски секогаш одиме напред на еден или друг начин, со помал или поголем ритам. А предизвици има сè уште, но и ние не сме за фрлање.
Трн: „Букстар“ секогаш носел иновации, оваа година дел од настаните се одржуваат во Лабораториум. Што носи оваа нова локација и кои други новитети можеме да ги очекуваме?
Жарко:-Скопје нема многу места што би можеле да вдомат книжевен фестивал со разгранета програма како BookStar, а ние сме организирале настани речиси секаде каде што сме биле поканети и добредојдени. Не можеме да фрлиме котва само на едно место, бидејќи форматот станува премногу комплексен. Тука ќе најдете промоции, поткасти, книжевни дебати, читања, работилници за млади и тинејџери, концерти, наградата за најдобар превод „Драги“, а од минатата година организираме и фелоушип програма. Веќе не нè собира на едно место. Ги сакам сите локации со кои сме соработувале и соработуваме. Годинава го одбравме „Лабораториум“ и ми се допаѓа бидејќи е место со патина. Педесетина години таму била сместена печатницата на „Нова Македонија“ – најголемата печатница на учебници, книги, весници и списанија. Таму просторот уште мириса на печатарски бои, но и на целата таа вредност и едукација што ја емитирале сите тие испечатени материјали кон генерации и генерации луѓе. Наоѓам длабока смисла во сето тоа. Така што секогаш се создава некоја тајна врска меѓу просторот и Фестивалот. Можеби затоа годинава програмата е толку богата, интердисциплинарна, а гостите се од врвен маштаб. Меѓу другите, ни доаѓаат и: Паола Перети од Италија која иако млада го губи видот пишува две прекрасни книги кои ги споредуваат со „Малиот принц“, Здравка Евтимова, бугарска авторка од светски глас, Игор Маројевиќ, авторот на најнаградуваниот српски роман на XXI век, потоа добитникот на наградата за литература на Европската Унија – Фарук Шехиќ од Босна, Мирженка Чехова која е повеќе од писател, таа е револуционер на балетската уметност во Чешка, итн. Истовремено ќе понудиме изложба на детски илустрации, одлична балканска вечер на први октомври со најзначајните автори од регионот, панел во чест на Кафка, прв книжевен стендап, награди за Јон Калман Стефансон и Алесандро Барико. Мислам дека оваа година не создадовме книжевен фестивал туку славење на литературата на сите нивоа кое би го нарекол (иако не го сакам премногу тој збор) – книжевно-уметничко шоу. И што е најбитно: сите настани се бесплатни.
Трн: Со јубилејното издание, како се чувствувате во поглед на постигнатите промени и развојот на фестивалот? Како „Букстар“ влијаеше врз тебе лично и врз твојата работа?
Жарко: -Ова го доживувам како многу лично прашање па ќе си дозволам така и да го одговорам т.е. малку да избегаме од темата. Пред да го почнам „Букстар“ јас веќе имав одредено фестивалско искуство. Најпрво, додека Данило Коцевски беше директор на Струшките вечери на поезијата учествував во организација на одредени настани таму. Тој имаше огромна почит кон мене како автор и ми даде шанса да се искажам во поинакво светло од тоа што бев во моментот – еден млад писател и поет. Потоа, од почеток до крај на нејзиниот мандат, ѝ бев близок соработник на Лабина Митевска и на нејзиниот тим додека го водеше Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Со СВП приказната траеше доста кратко, но тие пет-шест години на „Манаки“ беа огромно, огромно искуство. Јас таму почнав како ПР на фестивалот, контакт со медиумите, праќање соопштенија, итн., за потоа да имам чест да работам директно и со ексклузивните гости, со сите големи актерски и кинематограферски имиња што доаѓаа на Широк сокак. Беше исклучителна школа и чест да се организираат настани со Викторија Абрил, Изабел Ипер, Мики Манојловиќ, Дерил Хана, Кетрин Денев, Бруно Делбонел, Кристијан Бергер, Ањес Годар, за сета таа сага да се заврши во 2014 година со доаѓањето на една од најголемите филмски ѕвезди кога било во Македонија, Жилиет Бинош, и јавното интервју што Лабина инсистираше да го водиме јас и таа, колку и да не се чувствував подготвен за тоа. Еве ова никогаш не сум го кажал јавно, но некако така се случија нештата. Мислам дека во Битола ме фати фестивалската магија. Целата таа атмосфера – работиш под притисок, но тимски, адреналинот скока, запознаваш луѓе од цел свет. Откако тимот на „Манаки“ се промени, застанав пред нови предизвици со издаваштвото и со „Антолог“ и се отвори можноста сето акумулирано знаење да го пресликам во моето матично звање, литературата, и секако да го надградам до некое друго, би рекол „мое“ ниво. Сега, по овие десет години со „Букстар“, чувствувам голема исполнетост, но истовремено ме води мисла дека е време за промени. Какви ќе бидат тие и колкави, тоа ќе го решавме после ова издание.
Слоганот е за мерак, промената е клучна и носи секогаш раст, а капацитетот за раст на Букстар е огромен, што очекуваш од годинешното издание на Букстар, дали публиката годинава ја очекуваш во поголем број?
-Од искуство, кога очекуваме многу, многу и се разочаруваме. Повеќе сакам да ги поставам очекувањата од себе отколку пред другите. Така што, пред сè очекувам да ја реализираме програмата што е можно поблиску до плановите. Знаете што значат над дваесет и пет книжевни настани во четири дена во град од големината на Скопје и со бројчано многу лимитирана публика? Тоа не е лесна одлука што треба да ја донесете а уште помалку е лесна задача што треба да ја исполните. Така што јас очекувам само да имаме многу интересни настани и сите тие да бидат квалитетни. Сметам дека буквално сите учесници ќе нè поведат на различно ментално и сетилно патување од кое нема да се вратиме исти. Дали тоа публиката ќе го препознае? Не можам да кажам, иако сакам да се надевам дека е така. Еве, дури и ќе се обидам да убедам дел од вашите читатели на тоа.
Оваа работа е многу стресна и напорна и тоа е нешто што луѓето искрено го ценат. Зад секој гостин и зад секој настан стои месеци и месеци работа. Памтам кога требаше да ни дојде познатата Славенка Дракулиќ како втора добитничка на наградата „Букстар“. Го отвораме фестивалот понеделник или вторник, кога во неделата ми ѕвони телефонот од странски непознат број и некаков зарипнат глас што одвај го разбирам ми вака „Славенка овде“. Јас шокиран што ќе ми каже, ми се пресекоа нозе. Вели: „Јас сум многу болна, настинав, може ли некако да го направиме онлајн?“ Не знам што да ѝ кажам. Тогаш отворавме со неа, немавме други странски гости во моментот, доаѓаа потоа, и немавме како да се покриеме. Останав прибран, ѝ објаснив колку ни значи, дека целиот Фестивал ќе има друг тек ако не дојде и дека публиката ја очекува. И таа ме разбра. Нешто кликна во неа и рече ОК. Веројатно го почувствува тоа што многумина автори го чувствуаат како енергија од нас пред да дојдат. Тоа е тој наш тукашен спој од шарм, искреност и страст, истовремено. Кога пристигна во Скопје ме фати под рака една вечер и ми вика „Ајде да прошетаме, сакам нешто да ти кажам“. Жената ми даде толку многу корисни совети за фестивалот, како да се знаеме сто години. Потоа, едно друго издание, а слично некако, ни стигнува мејл доцна вечер од Халдора Тородсен дека поради огромно невреме над Рејкјавик бил откажан летот и следната конекција со истата компанија е после ден-два кога веќе нејзиното доаѓање не би имало смисла. И ние одлучуваме таа година последните пари што ги имаме на сметка да ги дадеме за нејзиниот билет. Сега некој ќе каже Халдора не е звучно име, дали вреди? Но јас едноставно сакам кога нешто ќе го планираме и да го оствариме. Ете тоа се моите очекувања. Да бидеме верни на себе. Ете што сè правиме за скопјани да имаат вакви настани. Дали публиката тоа го препознава? Некогаш да, некогаш не, за жал. Градов трча книжевен маратон во септември и веќе сите сме малце уморни. Секојдневно има книжевни настани, дури и се преклопуваат. Но има нешто што ми дава надеж и сила. Често се жалиме дека Македонија немала брендови. Ете го BookStar е веќе поставен, концептот развиен, името е звучно најмалку барем во регионот, нè следат околните фестивали, стануваме атрактивни. Ако тоа публиката го сфати, ќе направи добро пред сè за себе но и за реномето на Фестивалот како македонски продукт. И не сакам да помислам на друго сценарио освен дека Скопје (треба да) ја сака литературата и дека ќе ја искуси годинашната магија на „Букстар“!
Трн: Фестивалот носи многу значајни автори и теми оваа година. Кои критериуми ги користеше тимот за селекција на гостите?
Жарко: -Ова е тема на која одамна сакам да зборувам во јавноста. Канењето гости на фестивалот е нешто што одзема најмалку половина од времето меѓу два фестивала. Некогаш се случува веднаш штом заврши едно издание да почнеме со канење на гости за следното, а некогаш се случува и со години да траат преговорите со агентите. Неретко едноставно и не можеме да се договориме со некој автор кој сакаме да биде дел од програмата. Обично, каниме и по петнаесет-дваесет автори одеднаш а задоволни сме ако прифатат пет или шест. Знаете зошто е тоа така? Колку еден автор е попознат, толку потешко се доаѓа до него, колку потешко се доаѓа до него, толку е покомплицирано и да го убедите да гостува. Што имаме ние тука локално да понудиме? Мали тиражи, симболични хонорари, слаб медиумски интерес, лоши патни конекции, лимитирана книжевна публика? Можеби ви се чини чудно, но неколкупати гости откажуваа кога ќе видат дека треба да сменат два или три авиони, а една авторка која поради еколошки причини патува само со воз, не сакаше да дојде, бидејќи знаеме во каква состојба ни е железницата.
Нас секогаш ни е приоритет да донесеме квалитетни имиња, препознатливи, автори добитници на награди (Меѓународен Букер, Нобел, Награда за литература на Европската Унија, Балканика, итн.), автори кои се читани и омилени кај поширока јавност. Но неретко се сведува на компромис меѓу очекувањата и можностите. Вакви фестивали, не само во светот, туку веќе и во регионот (Хрватска, Србија, Словенија, дури и во Црна Гора), се прават со буџет од минимум педесет до сто илјади евра. Ние во овие десет години сме го правеле со буџет во сооднос од нула до максимум (значи максимум!) една десетинка од буџетите за кои зборуваме погоре. И кога ќе видите кој сè во овие години бил дел од програмата – книжевни величини како Сјон, Михал Вивег, Стефан Хертманс, Кадер Абдолах, Ирса Сигурдардотир, Јуси Адлер-Олсен, Хокан Несер, Софи Хана, Светлана Алексиевич, Николо Аманити, Алесандро Барико, Влада Урошевиќ, итн. јас сум многу благодарен на сите нив и на сите од нашиот тим, бидејќи било вистинско чудо ова што досега сме го постигнале. Секое учество на овие автори сме го „платиле“ со многу, многу преговори, со многу, многу мантрање, со многу, многу труд, со многу, многу магионичарство, за да го надокнадиме тоа што го немаме – финансии, инфраструктура, логистика, заемност.
Еве и една пикантерија што е поврзана со тоа што го зборуваме. Во 2019 година, на 11 октомври, имавме потврдено гостување на Алесандро Барико. Тоа беше јаготката на шлагот после пет години апсолутна работа. Нешто подоцна на поканата истата година ни одговора позитивно и Олга Токарчук, дека би била заинтересирана да дојде. Ние ненавикнати на ваква ситуација и веќе во апсолутен буџетски дефицит одлучуваме дека ова не можеме да го поднесеме и ѝ одговараме на Токарчук да го оставиме гостувањето за следната година. Кратко пред Фестивалот, Барико откажува од лични причини а ние веќе не можеме да играме пиши-бриши со автор како Токарчук. И така завршува сè како што завршува, кога на последниот ден од „Букстар“ 2019 за време на ручекот со гостите стигнува веста дека Олга Токарчук е добитничка на Нобеловата награда (тоа беше годината кога поради скандал во една година се соопштија две добитнички – 2018 и 2019). И наместо веста да ја дочекаме заедно со неа на маса во Скопје и да прославиме, сега ќе треба којзнае кога да се надеваме на нејзиното гостување, бидејќи обично се вели дека штом еден автор добие Нобелова десет години тешко дека ќе го видиш тука. Е, ние, правиме сè овие предрасуди да ги побиеме.
Трн: Што би порачале на сите оние кои го следат фестивалот, но и на оние кои може да го откријат за прв пат оваа година?
Жарко:-Фестивалот не е книга што може да ја купите кога ќе посакате. Не е ниту обичен збир од настани што ќе поминат. Секој фестивал е едно посебно искуство кога ќе се спојат енергиите на сите учесници и публиката. Фестивалот се случува во рамки на неколку денови и чувството што го имате во тие моменти ниту се повторува, ниту може да се објасни или имитира. Затоа, сите што се во можност, ги поканувам внимателно да ја проследат програмата на вебсајтот bookstar.mk и да го откријат вистинскиот настан што им треба. Без оглед дали бараат нешто за себе, за своите деца, без оглед дали сакаат да одберат нешто за читање или да учествуваат во средба очи во очи со познати писатели, без оглед дали бараат оригинална забава и дружење со пријателите на звуците на „Чалгија саунд систем“, или се подготвени за сериозни теми и за општествени промени, да дојдат на Bookstar! Тој оваа година нуди едно севкупно задоволство за сите што сакаат да одморат од прозаичноста на реалноста а истовремено да си овозможат себеси необична преобраза и наобразба.
Трн: Што значи Букстар за книжевната сцена и за градот воопшто ?
Жарко:-Мислам дека за одговорот да биде објективен треба да кажат оние што го следат фестивалот низ сите овие години. За мене лично е остварување на сонот во Скопје да се случува инклузивен, полифоничен, ангажиран и разгранет книжевен фестивал каков што отсекогаш сум посакувал: со програма од светско рамниште, со професионалност од европски ранг, со гости на кои ни завидува цел регион и со душа и шарм какви што може да дадат само Балканот и Македонија.