Денот на словенечкото знаме се одбележува на 7 април, во чест на првото јавно извиорување во 1848 година во Љубљана. Симболот на бело-сино-црвената триколора и денес претставува израз на национален идентитет.
Денеска се одбележува Денот на словенечкото знаме, традиција воспоставена во 1998 година, со која се оддава почит на историскиот момент кога знамето првпат било јавно извиорено.
Првото извиорување се случило на 7 април 1848 година, кога студентот Ловро Томан го поставил знамето на улицата Волф во Љубљана. Овој чин бил директен одговор на поставувањето на германското знаме на градскиот замок и претставувал силен израз на национално будење.
Словенечкото знаме, во бело-сино-црвена комбинација, заедно со грбот и химната, е еден од основните симболи на државата. Неговите бои потекнуваат од грбот на историската покраина Крањ и биле предложени за официјално признавање во времето на Австриската империја.
Во периодот на националното будење во 19 век, словенечките студенти во Виена активно работеле на афирмирање на овие симболи, по што знамето било поставено и на зградата на тогашната гостилница „Златна ѕвезда“ во Љубљана.
Друштвото Heraldica Slovenica најави и дополнителни активности по повод празникот, вклучително и традиционална прослава со воени почести на 12 април во Сподња Сливна, кај Ваци, на Геометриското средиште на Словенија.
Денот на словенечкото знаме останува потсетник на историските корени на националниот идентитет и значењето на симболите што ја обединуваат заедницата.