Неколку илјади луѓе протестираа во петокот навечер во Букурешт, барајќи Романија да остане верна на својот европски пат, пред вториот круг од претседателските избори, во кои водечки кандидат е претставникот на крајната десница.
„Невозможно е по толку време ние – генерацијата што ја изгради оваа земја по падот на комунизмот во 1989 и ја поведе кон Европа – да се враќаме назад, кон Русија“, изјави за „Франс прес“ 50-годишната писателка Јоана Николае, сопруга на познатиот писател Мирчеа Картареску.
Лидерот на националистичката партија AUR, Џорџ Симион, кој е фаворит во вториот круг со речиси 41% од гласовите од првиот круг, отворено ја критикува Европската унија, се противи на помошта за Украина и бара обештетување за Романија за досегашната поддршка.
„Не можеме да гласаме за Симион. Европа е наш дом“, додаде Николае и повика на „мобилизација поради оваа драматична ситуација“.
Според организаторите, на протестот се собрале околу 20.000 луѓе, носејќи ромунски и европски знамиња.
Меѓу демонстрантите беше и 23-годишниот студент Џорџ Матеи, кој го изрази својот „страв“:
„Сакам да останам тука. Никогаш не сум замислувал живот во друга земја, но оваа недела многу размислував за тоа“, рече тој.
38-годишниот Симион, кој се угледува на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во вториот круг ќе се соочи со центристичкиот градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, кој во првиот круг имаше речиси 20 процентни поени помалку.
Дан се надева дека апстинентите од првиот круг ќе излезат и ќе му помогнат да ја врати предноста на Симион и да ја обезбеди европската иднина на оваа земја од 19 милиони жители.
„Постојат пет милиони изолационистички гласачи кои многу ги почитувам, но кои беа изманипулирани. Треба да нè има повеќе од нив“, изјави во петокот 55-годишниот градоначалник.