Додека војната во Украина влегува во четвртата година, земјата се соочува со сериозна демографска криза, со нагло намалување на наталитетот, растечки број жртви и милиони граѓани кои го напуштиле домот, објави CNN.
Според украинската демографка Ела Либанова, од почетокот на војната Украина изгубила околу 10 милиони луѓе – поради загинати, иселени или жители на територии под руска контрола. Таа оценува дека станува збор за една од најтешките демографски ситуации во светот.
Истовремено, стапката на наталитет, која и претходно бележеше пад, дополнително се намалила. Воениот ангажман, економската неизвесност и стресот влијаат врз одлуките за родителство, како и врз репродуктивното здравје, наведуваат лекари од клиники во Киев.
Лекари од клиниката „Надија“ посочуваат дека забележуваат повеќе компликации во бременостите, зголемен број хромозомски абнормалности и намален квалитет на репродуктивните клетки, особено кај лица изложени на долготраен стрес и воени услови.
Покрај тоа, според извештај на американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии од јануари, од почетокот на инвазијата се проценува дека загинале меѓу 100.000 и 140.000 Украинци. Со оглед дека просечната возраст на украинските војници е околу 43 години, дел од жртвите биле во брак и имале деца.
Официјалните податоци покажуваат дека во Украина моментално живеат околу 59.000 деца без биолошки родители.
Дополнително, околу шест милиони луѓе, главно млади жени и деца, ја напуштиле земјата од 2022 година. Демографите предупредуваат дека колку подолго трае војната, толку се помали шансите тие да се вратат.
Експертите оценуваат дека обновата на економијата и инфраструктурата ќе бара квалификувана работна сила, додека идниот демографски развој ќе зависи од безбедносната состојба и од враќањето на населението во земјата.