Володимир Зеленски од Украина ги презентираше деталите од ажурираниот мировен план, кој ѝ нуди на Русија можност за повлекување на украинските трупи од истокот на земјата и создавање демилитаризирана зона во таа област.
Објаснувајќи го планот од 20 точки, кој беше договорен од американските и украинските претставници во Флорида за време на викендот, Зеленски рече дека Русите ќе одговорат во среда, откако Американците ќе разговараат со нив, пишува Би-Би-Си.
Опишувајќи го планот како „главна рамка за завршување на војната“, тој рече дека предвидува безбедносни гаранции од САД, НАТО и европските земји за координиран воен одговор во случај Русија повторно да ја нападне Украина.
Зборувајќи за клучното прашање на Донбас во источна Украина, Зеленски рече дека „слободна економска зона“ е една од можните опции.
Тој им рече на новинарите дека Украина е против повлекувањето, и затоа американските преговарачи размислуваат за воспоставување демилитаризирана зона или слободна економска зона. Тој нагласи дека секоја област од која украинските трупи би се повлекле би морала да остане под контрола на украинската полиција.
„Постојат две опции – или војната продолжува или ќе треба да се донесе некаква одлука во врска со сите потенцијални економски зони“, рече Зеленски.
Планот од 20 точки се смета за ажурирање на оригиналниот документ од 28 точки, кој американскиот претставник Стив Виткоф го договори со Русите пред неколку недели, а кој јавноста го сметаше за силно прилагоден на барањата на Кремљ.
Русите инсистираат Украина да се повлече од речиси една четвртина од својата територија во источниот регион Донецк во замена за мировен договор. Остатокот од таа територија е веќе под руска окупација.
Чувствителните прашања, вклучително и територијалните прашања, би морале да се решат „на ниво на лидери“, но новиот нацрт би ѝ обезбедил на Украина силни безбедносни гаранции и воена сила од 800.000 војници, објасни Зеленски.
Зеленски објасни дека доколку Украина е подготвена да ги повлече своите тешки сили на пет, 10 или 40 километри во 25-те проценти од регионот Донецк што сè уште го држи, со цел да создаде економска зона што би била практично демилитаризирана, Русија би морала да го стори истото, „соодветно, за пет, 10 или 40 километри“.
Руските трупи моментално се наоѓаат околу 40 километри источно од украинските градови Славјанск и Краматорск, кои го формираат таканаречениот „појас на тврдини“, откако го освоија градот Сиверск.
Малку е веројатно дека рускиот претседател Владимир Путин ќе сака ваков вид компромис предложен за Донецк, пишува Би-Би-Си.
Тој овој месец изјави дека Русија ќе ја преземе контролата врз цела источна Украина со сила доколку украинските трупи не се повлечат.
Сепак, Трамп инсистира на постигнување договор.
Зеленски јасно стави до знаење дека доколку во Донецк се воспостави слободна економска зона, таа би морала да биде под украинска администрација и полиција – „не под таканаречената руска полиција“.
Сегашната линија на фронтот потоа би станала граница на економската зона, со меѓународни сили на теренот по линијата на контакт за да се спречи каква било руска инфилтрација.
Зеленски рече дека ќе мора да се одржи референдум за целиот мировен план и дека само референдум би можел да одлучи за идејата за потенцијална слободна економска зона во Донбас.