Делови од Македонија под вода: Поплави, одрони и затворени патишта

Обилни врнежи ја зафатија Македонија – поплавени реки, одрони на патишта и прекин на струја во неколку градови.

По обилните врнежи што ја зафатија територијата на Република Северна Македонија, надлежните служби се на терен за справување со поплави, одрони и штети. Еве како изгледа ситуацијата по региони:

Кочани и Штип
Во село Грдовци, кај Оризарска река, има излевање на вода. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар, а од понеделник ќе започне чистење на коритото за да се спречат идни последици. Сообраќајот на патниот правец Кочани – Грдовци е нормализиран. На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони, а Македонија Пат интервенира за нивно расчистување.

Битола
Во населбата Стрчин, КЈП Нискоградба интервенира за расчистување на нанос од чакал и земја. Во селата Кравари, Жабени и Породин се пријавени поплавени земјоделски површини, а екипи на ЈП Водостопанство интервенираат на Жабјанска и Елешка река. Нивото на водата во реките постепено опаѓа.

Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови и објекти за складирање на јаболка. Нивото на Голема река е намалено од 2,20 на 1,40 метри. На терен се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер за проценка на состојбата.

Крушево
Водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути. Црна река кај село Бучин е покачена, но излеаната вода се повлекла. Надлежните служби интервенираат на насипите кај критичните точки.

Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен поради оштетување на мостот на Боишка река. Локацијата е обезбедена од надлежните служби.

Прилеп
Во селата Лажани и Пешталево се пријавени поплавени дворови, приземни простории и оштетување на тутун. Градежна механизација интервенираше за расчистување на неисчистени канали.

Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен, но СВР Тетово го забрани сообраќајот од безбедносни причини. Патните правци кон Жерма и Бродец се проодни. Состојбата во село Стримница, општина Желино, се следи континуирано.

Надлежните апелираат на внимателност при патување и следење на локалните предупредувања, особено на критичните точки со вода и одрони.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни