Скопје влегува во уште една силна клупска ноќ. На 3 април во Intermezzo Music Bar ќе настапи легендарното електронско дуо Deep Dish, а најавата за настанот носи и јасна порака до публиката: помалку екрани, повеќе присуство во моментот.
Наместо вечерта да се помине низ камера, фокусот овојпат е ставен на доживувањето во живо, без оптоварување со фотографии и видеа. Пораката е едноставна: почитувај го моментот и биди целосно присутен во него.
Deep Dish, односно Али „Dubfire“ Ширазинија и Шарам Тајеби, уште од 1998 година се едни од имињата што силно ја обликуваат светската хаус сцена. Препознатливи се по својот жанровски влијателен звук, а зад себе имаат и Греми успех, како и албуми што оставија длабока трага во електронската музика.
Меѓу најпознатите изданија на дуото се вбројуваат Junk Science и George Is On, а песните како Say Hello и Flashdance и денес важат за клупски класици што инспирираат генерации љубители на електронскиот звук.
Настапот во Скопје е најавен како вечер на чиста еуфорија, а Intermezzo Music Bar ќе биде местото каде публиката ќе може да го почувствува тој звук без дистанца, директно, гласно и во целост.
Оваа вечер дел од серија меѓународни имиња кои во последниве години го посетуваат Скопје, потврдувајќи дека македонската престолнина сè посилно се наметнува на регионалната електронска сцена.
Билетите за настанот може да се набават во Intermezzo Bar.