Данскиот инвестициски фонд „Вексткапитал груп“ значително го зголемува своето присуство на македонскиот пазар на недвижности. Фондот веќе поседува 250 станови во изградба на атрактивни локации во Скопје, а според информациите за телевизија „Телма“, до крајот на годинава планира да купи уште најмалку толку.
Според достапните информации, Данците соработуваат со неколку локални агенции за недвижности, како и директно со инвеститори. Нивната стратегија е да ги купуваат становите уште во фаза на ископ на темели, со што обезбедуваат пониски набавни цени и поголем потенцијал за принос.
Од „Вексткапитал груп“ велат дека веќе воспоставиле партнерства со неколку поголеми градежни компании во земјава. Интересот за Македонија го темелат на позитивните економски прогнози, растечката средна класа и атрактивноста на пазарот на недвижности.
Коосновачот на фондот, Јенс Киндберг, за „Телма“ изјавил дека гледа значителен потенцијал во овој сектор и дека целта е да придонесат во економскиот раст на земјата, слично како што, според него, веќе направиле во Бугарија.
„Веруваме дека растечката средна класа и добро образованата младина ќе ја издигнат земјата и сакаме да го поддржиме овој развој“, изјави Киндберг.
На прашањата во јавноста околу потеклото на инвестициите, Киндберг појаснил дека во Македонија вложува лични средства.
„Вексткапитал груп“ е регистрирана во Луксембург и поседува повеќе компании во Данска. Групацијата веќе има значително присуство во Бугарија преку компанијата „СЕЕ Резиденшл“, која според сопствената веб-страница располага со 262 стана на атрактивни локации во Софија. Таму целта е до 2030 година да достигнат портфолио од 1.000 станови и да станат најголем издавач на станови во бугарската престолнина.
Со најавеното темпо на купување во Скопје, македонскиот пазар би можел многу побрзо да стане клучна точка во нивната регионална стратегија.