Данска воведува целосна забрана за дронови пред Самитот на ЕУ во Копенхаген

Данска забранува сите цивилни летови со дронови до петок поради безбедносни закани и неовластени дрон-активности пред Самитот на Европската унија во Копенхаген. Мерка важи и за спречување на хибридни напади.

Данската влада објави дека од понеделник до петок воведува целосна забрана за цивилни летови со дронови низ целиот воздушен простор на земјата, поради зголемениот ризик од хибридни закани и подготовките за претстојниот Самит на Европската унија во Копенхаген.

„Целата цивилна употреба на дронови во данскиот воздушен простор ќе биде забранета за да се отстрани ризикот непријателски дронови да се помешаат со легални,“ соопшти Министерството за транспорт на Данска.

Забраната следи откако во текот на викендот беа забележани дронови над неколку воени објекти – инциденти кои властите ги оквалификуваа како „хибридни напади“.

Засилени безбедносни мерки пред самитот

„Не можеме да прифатиме странски дронови да внесуваат несигурност и вознемиреност во општеството, како што видовме неодамна“, изјави министерот за транспорт, Томас Даниелсен.

Тој нагласи дека Данска ќе биде домаќин на лидерите на ЕУ, при што безбедноста ќе биде врвен приоритет.

Секое кршење на забраната може да резултира со парична казна или затвор до две години.

Забраната не важи за воени дронови, дронови што ги користат државните служби (вклучително и полиција, брза помош и противпожарни служби), како и локални и регионални здравствени и итни служби.

НАТО и сојузниците со поддршка

Данското Министерство за одбрана потврди дека и во саботата и во неделата биле забележани дронови кај неколку армиски објекти, поради што биле активирани повеќе безбедносни капацитети.

По состанокот на НАТО во Рига, портпаролот на Врховната команда на НАТО, полковник Мартин О’Донел, најави засилено набљудување со нови мулти-доменски капацитети во Балтичкиот регион, вклучувајќи ја и Данска, во рамки на операцијата „Baltic Sentry“.

Германска фрегата и анти-дрон капацитети во Копенхаген

Во неделата, во Копенхаген пристигна германската фрегата за воздушна одбрана FGS Hamburg, која ќе помогне во надгледување на воздушниот простор во пресрет на самитот.

„Фрегатата е дел од активностите на НАТО за зајакнување на присуството на источниот фронт на Алијансата“, се вели во соопштението на данското Министерство за одбрана.

Дополнително, Германија соопшти дека, по барање на Данска, ќе обезбеди воена поддршка преку системи за борба против мали беспилотни летала (C-sUAS) – технологија што користи радарски, оптички и звучни системи за детекција.

Шведска исто така најави дека ќе ѝ позајми на Данска воен капацитет за заштита од дронови, без да открива повеќе детали.

Минатата недела беа пријавени неколку инциденти со дронови, вклучувајќи надлетувања над едни од најголемите воени бази, што доведе и до привремено затворање на аеродроми.

Министерот за правда на Данска, Петер Хумелгор, изјави дека целта на овие дрон-активности е да се создаде страв и поделби, и најави нови закони што ќе им овозможат на сопствениците на критична инфраструктура да ги неутрализираат дроновите, дури и да ги соборат.

Данскиот премиер и генералниот секретар на НАТО претходно изјавија дека не може да се исклучи руско учество во инцидентите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни