„Вкупните трошоци поврзани со набавката и користењето на системите за воздушна одбрана и копнените противракетни системи се проценети на 58 милијарди круни“, односно 7,76 милијарди евра, наведува данското министерство.
За системи со долг дострел Данска го избрала SAMP/T, кој се произведува во соработка меѓу Франција и Италија, додека за системи со среден дострел биле избрани неколку различни модели од Норвешка, Германија и Франција.
„Војната во Украина јасно ја покажува потребата од модерна копнена воздушна одбрана составена од повеќе интегрирани системи кои овозможуваат заштита на воздушниот простор на различни нивоа“, изјави началникот на Генералштабот, Михаел Хилдгард.
Данска го повлече својот претходен систем за ПВО DeHawk пред околу 20 години, по распадот на Советскиот Сојуз, кога државата ги пренасочи своите воени ресурси од територијална одбрана кон меѓународни операции.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина, повторното вооружување стана врвен приоритет за социјалдемократската влада на премиерката Мете Фредериксен.
Првиот нов систем за противвоздушна одбрана се очекува да биде оперативен веќе кон крајот на оваа година, а бројот на системи ќе се зголемува постепено, информира Министерството.
На прес-конференција, властите истакнаа дека оваа инвестиција не значи одбивање на американските системи.
„Клучен фактор беше брзината на испорака. Роковите за американските системи Patriot се подолги“, изјави Пер Пугхолм Олсен, директор на Данската агенција за одбранбени набавки и логистика.
Извор: N1info.rs