Во својата предизборна кампања, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го истакна бесплатниот јавен превоз како една од главните мерки за поддршка на граѓаните, особено младите. Сепак, студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денес прашуваат дали ова ветување воопшто ќе се реализира за 2025 година.
Во писмо упатено до директорот на ЈСП, претседателот на Советот на Град Скопје, Владата, и Министерството за образование, студентите бараат јавно известување дали картичките за бесплатен превоз ќе продолжат да важат и следната година.
„Образованието е основа за иднината, но без поддршка како бесплатниот јавен превоз, многумина од нас ќе бидат принудени да се соочат со зголемени трошоци и потешкотии во пристапот до факултетите,“ вели Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание.
Студентите предупредуваат дека укинувањето на оваа мерка ќе доведе до:
- Зголемување на финансиските трошоци за семејствата.
- Ограничен пристап до образование за студентите од руралните и приградските средини.
- Намалување на поддршката за младите и нивните образовни потреби, што дополнително ќе ја уназади довербата во институциите.
Но, најголемата дилема останува – што се случи со ветувањето на градоначалничката? „Данела пред изборите јавно зборуваше за бесплатен јавен превоз, но можеби мислеше на Белград? Во Скопје, реалноста е поинаква,“ иронично коментираат студентите.
Тие бараат итна реакција од градските власти, бидејќи прашањето за бесплатниот превоз е од суштинско значење за нивниот образовен процес и животен стандард. Дали градоначалничката ќе ги исполни своите зборови или ова ветување ќе остане само уште една празна изјава од предизборната кампања? Одговорот, како што велат студентите, мора да пристигне веднаш.