Српската напредна странка ќе разговара со Александар Вучиќ за можноста тој да биде кандидат за премиер на евентуалните вонредни парламентарни избори, најави претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, во изјава за РТС.
Изјавата доаѓа откако Брнабиќ и претходно посочи дека Вучиќ најавил отворање разговори во рамки на СНС, но и со други партии и политички актери, во пресрет на можни предвремени избори.
Според неа, проблемот не е во тоа што Вучиќ не сака дијалог, туку во тоа што, како што тврди, оние што најгласно повикуваат на разговор, во практика постојано го оттурнуваат. Таа изрази уверување дека српскиот претседател и овојпат ќе упати повик за разговор, како што, според неа, правел и досега.
Брнабиќ оцени дека најтешкиот дел од тој дијалог за Вучиќ ќе биде токму со луѓето од неговата партија. Како причина го наведе незадоволството во СНС, за кое рече дека е резултат на замор од, како што оцени, двојните стандарди и лицемерието на Брисел.
Таа додаде дека случувањата во последните 48 часа го навеле Вучиќ да иницира поширок општествен дијалог, а како едно од клучните прашања ги посочи предвремените парламентарни избори, за кои, според неа, притисок дошол од таканаречените „блокадери“.
Брнабиќ изјави и дека единствената причина поради која Вучиќ сè уште не распишал предвремени парламентарни избори е тоа што, како што тврди, светот во моментов се соочува со невидена криза.