Дали треба дрогите поинаку да се регулираат?

Во 2022 година се случи голем напредок за конечна декриминализација на личната употреба на дроги вклучително и на канабисот. Имено здруженијата  ХОПС- Опции за здрав живот  Скопје и Коалиција Маргини преку свои претставници учествуваа на седниците на работната група формирана од Владата на Република Северна Македонија која работеше на законските измени и нивниот предлог за допрецизирање на членот 215 од Кривичниот законик со цел јасна примена на одредбата од законот на начин што нема да се казнува поседувањето на дроги заради лична употреба беше прифатен и влезе во предлог законот.  Законот беше изгласан на седница на Собрание на Република Северна Македонија во февруари 2023 година.

Промената во законот е следна. Во член 215  се додава нов став , кој гласи: „ Нема да се казни тој што поседува наркотични дроги и психотропни супстанции за лична употреба.“

Ова измена ќе овозможи да се промени судската пракса и конечно луѓето кои поседуваат дроги вклучително и канабис за лична употреба да не бидат кривично казнувани. Ова претставува голем чекор кон креирање на хумана и ефективна национална политика за дроги која ќе се базира на почитување на човековите права.

gettyimages

За да бидеме појасни само употребата на јавно место претставува прекршок согласно  Законот за прекршоци против јавен ред и мир и во тој случај на лицето кое се оддава на уживање на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност.

По објавувањето на оваа вест некои мои познаници ме прашаа дали тоа значи легализирање на дрогите?  Одговорот е не. Ова не е ниту близу легализирање.  Но тоа што за многумина оваа одлука предизвика дилеми ме наведе да го напишам овој текст и најкратко што можам да објаснам што значи регулација на дрогите и дали дрогите треба да се легализират, односно поинаку да се регулираат или пак забраната за нивна употреба треба да остане?

Да ги разгледаме  двата концепта во однос на политиките на дроги – прохибиција, односно војна против дрогите и регулација односно законско регулирано поседување и употреба.

Прохибицијата како политика го забранува секое производство, пуштање во промет, поседување и употреба на дрогите. Меѓутоа таа е и концепт кој пред се се базира на моралната осуда  на употребата на дрога и  корисниците на дроги и не e пристап кој се базира на докази. Самиот концепт на прохибиционизам им дава многу јасна и директна морална поддршка или морален авторитет на оние кои го подржуваат, а ги негира и отфрла оние кои се против прохибицијата и истите ги обележува како неетички и политички неодговорни. Во јавноста преовладува ставот дека прохибицијата  е  најморалната позиција, а тоа ја  отежнува дебатата за влијанието т.е последиците на прохибицијата. Така што многу често може да се слушне дека анализирањето и критиката на прохибицијата всушност значи преиспитување на забраната на употреба на дроги и дека тоа само по себе е неморален чин и оној кој ја прави анализата ризикува да биде обележан како наивен, несериозен или како криминалец, сојузник на дилерите итн.

Многу иронично затоа што токму подржувајки ја статус кво состојбата на прохибиција која постои повеќе од 60 години, всушност е подршка на криминалот т.е  илегалното производството и сите штети што тоа ги предизвикува. Но, за тоа малку подоцна. Прохибиционизмот или војна против дрогите ги претставува дрогите како  егзистенцијалистичка закана за човештвото, и во медиумските и јавните настапи прохибиционистите најчесто зборуваат дека дрогите се закана не само за оние кои ги употребуваат, туку и за сите граѓани, закана за националната сигурност и моралното ткиво на општеството.  Притоа се употребува многу агресивна реторика. Се користат термини и квалификации како зло, смрт, ѓавол. И сето тоа  личи на  крстоносна војна против  злото кое му прети на човештвото. Дополнително, овој дискурс преовладува како во националните, така  и во меѓународната правна рамка. 

Delo.sl

Да ја земеме за пример Конвенцијата за дроги на Обединети нации од 1961 година. Таа е многу значајна затоа што со неа прохибицијата станува глобална светска политика. Таму стојат следниве зборови – “Свесни сме за својата должност да го превинираме и да се бориме со оваа ЗЛО”. Во македонскиот закон за дроги пак стои воинствениот термин “сузбивање” како главна цел на законот– “заради сузбивање на недозволената употреба на дроги …”Ваквото претставување на дрогите како егзистенцијалистичка закана  генерира политика во која се оправдани и радикални мерки. Така да, сведоци сме дека во име на прохибицијата насекаде во светот се спроведуваат  силни акции на полицијата, малтретирање, тепање и повреди на серија на човекови права. Во некои земји пак постои и смртна казна за поседување и употреба на дроги.

Од друга страна се зголемуваат финансиите наменети за овие акции, а со тоа и моќта на државните безбедносни сили и полицијата наспроти финансирање на социјалните и здравствените институции кои поинаку го третираат овој проблем. И кога има една таква војна тогаш има и многу штети. Само во Мексико над 40.000 жртви, стигматизација на корисниците, полни затвори, финансиски импликаци (секој жител на САД дал по 165 долари за политиката на војна против дрогите) итн.Вообичаено се мисли дека заменувањето на прохибицијата со пристапот на регулирање ќе доведе до ситуација free-for-all во однос на достапноста и употребата на дрога. Што секако не е така.  И праксата на повеќе земји како Холандија, Португалија, Чешка итн. покажаа дека овој страв е ирационален и дека реформите во оваа насока се многу поефективни отколку прохибицијата..Португалија во 2001 ги декриминализира речиси сите видови дроги, вклучително марихуана, хероин и кокаин.

Што значи дека корисниците не се казнуваат со казна затвор за поседување на дрога за лична употреба или  заради употреба на дрога. Резултатите од овој чекор се фасцинантни. Имено пет години после оваа промена направена е евалуација и е утврдено следново: 1. кај младите 14-16 години употребата на илегални дроги е намалена од 14,1% на 10,6%; 2. употребата на хероин барем еднаш во животот кај младите од 16-18 години се намалил од 2,5% на 1,8%; 3.Преваленцата на ХИВ инфекцијата кај корисниците на дрога е намалена за 17%, а смртноста од дрогата е намалена за повеќе од 50%; 4. бројот на корисниците на дроги кои се пријавиле за лекување се зголемил од 6000 на 14800; 5. употребата на марихуана кај возрасната популација над 18 година (употреба барем еднаш во текот на животот) е под 10%.

123rf

За споредба, во САД, каде во најголемиот број држави е криминализирана употребата на дроги, 40% од возрасната популација има употребувано марихуана. Всушност во САД луѓето повеќе употребуваат кокаин отколку што во Португалија користат марихуана. Политиката за дроги мора да се базира на докази, на евиденција на ефективноста. Прохибицијата се покажа дека е неефективна.

Да ги разгледаме клучните параметри во однос на успешноста на оваа политика. Достапноста на дрогите – прохибицијата не го реши овој проблем, денес дрогите се многу подостапни. Цената – повеќето дроги денес се со пониски цени.  Употребата – бројот на лица кои употребуваат дроги не се намалува, напротив се зголемува.  Бројот на смртните случаеви поврзани со дроги исто е зголемен, а затворите се полни со луѓе кои употребуваат дроги. Сетоа тоа ја чини државата многу скапо во финансиска смисла имајќи во предвид дека трошоците за еден затвореник на годишно ниво во Европската унија е во просек околу 30-40 илјади евра. Многу е подобро тие финансии да се искористат во програми за превенција, едукација и  третман.

Сите погоре наведени параметри укажуваат дека прохибицијата и не е најдоброто решение. Употребата на дроги помалку или повеќе може да биде ризично. Е, токму заради тоа треба да се регулираат поинаку. Затоа што сега пазарот е во рацете на криминалците. Тие го одредуваат и квалитетот, чистотата, достапноста итн. Повеќе финансии се трошат на полициски акции а многу помалку на превенција и едукација на младите. Дрогите може да бидат штетни, ама ќе бидат помалку штетни ако не е прохибицијата. Регулирањето на дрогите  како модел спротивен на прохибицијата нема да е панацеа или сребрен куршум во однос на дрогите и да ги реши сите проблеми. Но убеден сум во тоа  дека е многу похуман, цивилизиран и поефективен модел.

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни