Дали Threads е конкурент на Twitter- сличности и разлики на двете платформи

Ако се прашувате како е да се користи новата апликација Threads, само затворете ги очите и замислете го Twitter, но пред Илон Маск – и токму тоа е поентата.

Мета – компанијата која е сопственик на Instagram, Facebook и WhatsApp – во средата ја лансираше својата најнова платформа, наречена Threads. Таа е поврзана со Instagram (потребен ви е профил на Instagram за да се регистрирате за Threads), примарен фокус на новата апликација е споделување кратки фрагменти од текст. Корисниците можат да објавуваат до 500 знаци или да споделуваат видеа долги до пет минути.

Добредојдовте во новиот Metaverse на Марк Цукерберг. Тука нема спектакли од виртуелна реалност или 3-Д аватари без нозе. Само добри зборови…на социјален медиум… на вашиот паметен телефон.

„Има глад за нешто ново“, рече Конор Хејс, потпретседател за производи на Мета. Тој додаде дека јавните личности и креаторите конкретно бараат алтернатива на Twitter ќе биде попродуктивна и попозитивна.

Откако Маск го презеде Twitter во октомври, компанијата имаше бројни технички проблеми, ги промени политиките за верификација со сина ознака и се соочи со критики од корисниците и огласувачите за тоа како ја модерира содржината. Изминатиов викенд, Маск ограничи колку твитови може да видат корисниците.

Тоа остави потенцијален отвор за конкурентите. Постојат Mastodon, Bluesky, Spill, но дали Threads е подобар од тие? Дали има загриженост за приватноста – како и со другите Мета апликации? Дали навистина може да се победи Twitter?

Како се користи Threads?

Благодарение на сериозно копирање на Twitter, Threads е едноставен за користење. Преземете ја апликацијата за iOS или Android и ќе ви биде побарано да се најавите со вашиот профил на Instagram и да го пополните вашиот профил на Threads. Можете да изберете да продолжите да ги следите истите луѓе што ги следите на Instagram или да изберете само некои од нив – или воопшто да не ги следите.

Делот „Дома“ ги вклучува објавите на лицата кои ги следите. Допрете го копчето со хартија и пенкало со апстрактен изглед за да составите нова нишка и допрете ја иконата за спојувалка за хартија за да додадете фотографија или видео. Можете да спомнете други луѓе со користење на симболот @ пред нивните кориснички имиња и можете да ги реобјавите објавите на другите луѓе.

Апликацијата е достапна во повеќе од 100 земји, но не и во Европската унија.

Имам Instagram, дали треба да преземам посебна апликација?

Не можете да се придружите на Threads без профил на Instagram, но новата услуга работи како сопствена апликација.  Ако навистина не сакате да преземете друга апликација, можете да пристапите до услугата од веб-страницата Threads.net, слично како што можете да го користите Instagram во прелистувач. Хејс рече дека во моментов нема планови за посебна апликација за Mac или Windows.

Што има Threads што Twitter го нема?

На површината Threads е клон на Twitter, но копајте подлабоко и можете да најдете некои вистински разлики:

Интеграција на Instagram: бидејќи Threads е многу тесно поврзан со вашиот профил на Instagram, не мора да започнувате од нула кога станува збор за наоѓање на вашите пријатели и други што ќе ги следат. Луѓето што сте ги блокирале на Instagram ќе се пренесат, а вие можете да споделувате вашите објави на Threads како сториња на Instagram.

Децентрализирана поддршка: Threads ќе биде компатибилен со ActivityPub, децентрализиран протокол за социјално вмрежување – истиот што го користи Mastodon. Што значи тоа? Тој е „децентрализиран“ затоа што хостирањето на профилите, вклучувајќи ги и следбениците на луѓето, може да се врши на независни сервери, наместо на оние со кои управува приватно една компанија. Ова е начинот на кој Мета моментално ги води Facebook и Instagram. На крајот на краиштата, тоа би можело да им даде на корисниците поголема слобода да ги преземат нивните следбеници и информации кога ќе ја напуштат услугата и ќе ви овозможи да гледате објави од други социјални мрежи кои го поддржуваат протоколот. Нема конкретен датум кога ActivityPub ќе се појави, рече Хејс.

Ограничување на бројот на објави: Twitter изминатиот викенд го ограничи бројот на објави што корисниците можат да ги читаат на 600 дневно за непроверени сметки и 6.000 дневно за оние кои плаќаат месечна претплата. Threads не наметнува ограничувања или граници, без разлика дали сте потврдени или не.

Што има Twitter што го нема Threads?

Потребни се само неколку минути користење на Threads за да се види каде Мета избрзал со работите. „Има еден куп функции што доаѓаат кои не беа сосема подготвени за лансирање“, рече Хејс.

Еве некои карактеристики кои ги на Twitter што ги очекуваме на Threads:

Таб со објави само од луѓето кои ги следите: во моментов постои само една главна алгоритамска активност, која вклучува објави од луѓе што ги следите и други кои се популарни на платформата. Не можете да изберете да ги гледате објавите само на луѓето што ги следите или чисто хронолошки.

Копче за уредување: не можете да ги уредувате вашите објави откако ќе ги објавите.

Броење на знаци: како треба да знаеме кога да ја завршиме реченицата кога нема индикатор дека се приближувате до лимитот од 500 знаци?

Пребарување: може да пребарувате за други профили, но не и за зборови содржани во објавите. Исто така, сè уште нема поддршка за хаштагови.

Директни пораки: не можете да испраќате приватни пораки преку Threads. За тоа ќе треба да се вратите на Instagram.

Реклами: Нема реклами на Threads – барем засега. „Приоритетот за ова лансирање е апликацијата да биде што е можно подобра за потрошувачите и креаторите“, рече Хејс. „И ние не им дадовме приоритет на рекламите како дел од ова“. (Превод: На крајот ќе има реклами.)

Што е со мојата приватност на Threads?

Проверете ги опциите на Threads во Apple App Store и ќе видите дека Meta може да собира многу податоци од апликацијата: Здравје и фитнес, набавки, финансиски информации, локација, контакти… Списокот продолжува.

Хејс рече дека тој список не дава многу контекст за тоа зошто или под кои околности би се користел тој вид на податоци. Наместо тоа, тој ни посочи на двете политики за приватност на Threads: политиката за приватност на Meta и нова дополнителна политика специфична за Threads поради претстојната интеграција на ActivityPub. Threads исто така ви овозможува да изберете дали вашите објави ќе бидат јавни или приватни.

Сепак, ова е Мета. Ако сте корисник на Facebook или Instagram, тие собрале доста податоци за вас со текот на годините. Очекувајте ова да биде само уште една апликација што се влева во тоа.

Дали конечно имаме вистински конкурент на Twitter?

Сигурно изгледа како нешто најблиску до вистинска конкуренција. Threads има предност во однос на повеќето конкуренти на Twitter бидејќи го користи Instagram за веднаш да ја изгради вашата база на следбеници. Само во првите четири часа имаше преку пет милиони регистрирани.

Извор: The Wall Street Journal

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни