Трн.мк побара од граѓаните да дадат предлог кое би било нивното референдумско прашање за овој 8 Септември, на што беа добиени 242 одговори и коментари меѓу кои и 128 потенцијални референдумски прашања.
Помеѓу најчестите прашања кои граѓаните ги поставуваа беа тие за раскинување на договорите со Бугарија и Грција, враќање на името и знамето на земјата. Високо котираше и прашањето за криминалците да ги вратат украдените пари од народот, како и за тоа тоа дали сте за независна македонска држава со можност за влегување во сојуз со ЕУ. Некои отидоа и подалеку и прашаа дали сте за независна, суверена и унитарна Македонија или за протекторат, а имаше и доста граѓани кои прашуваа „До кога вака?“.
Зборот Македонија или македонски беше употребен 45 пати во прашањата, република или држава 25, зборот враќање 20 пати, а зборот криминал 11 пати.
Помеѓу најинтересните прашања беа тие за враќање на животот од времето на Тито, а меѓу најрадикалните: со закон да се забрани партиската употреба на името ВМРО, како и тоа за затворање на сите политичари од 1991 година до денес и преземање на власта и државата од народот.
Редакцијата на Трн.мк за особено интересни прашања ги издвои и следниве:
Дали сте за да почнеме одново?
и
Дали сте за луѓето да планираат, но Господ да решава?
Имаше и конкретни и сериозни прашања со поглед кон иднината како „Дали сте за живот и стандард како во Европа?“ или „Колку скапо ќе ја чини Македонија ако не влезе во ЕУ?“.
Тонот на повеќето коментари и прашања може да се оцени како негативен, бидејќи повеќето беа обвинувачки и агресивни, а многу од прашањата користат зборови како „криминалци“, „предавници“, „смрт“…што додава агресивност и изразува длабока фрустрација и незадоволство.
Дел од прашањата сугерираат и враќање кон стари состојби, што е индикатор на чувство на носталгија и разочарување, а забележлива е и недоверба и критика кон политиките и политичарите.
Сентиментот е јасно доминиран од негативност, што укажува на длабока загриженост и незадоволство од актуелната состојба, со малку или никакви позитивни или конструктивни наративи.
А, референдумско прашање, во кое се содржани 10те најупотребувани зборови е и своевидна комбинација од најчестите прашања:
“Дали сте за зајакнување на суверенитетот и идентитетот на Република Македонија преку враќање на уставното име, заштита на националните симболи и почитување на демократските и европски вредности, со акцент на борбата против корупцијата и криминалот, и насочување кон интеграција во Европската Унија како пат кон подобра иднина и просперитет за сите граѓани?”