„Постои ли вистински успешна врска, совршен брак или партнерите се стремат да постигнат невозможен концепт, нешто што е конструкт на општеството? Ова е главна тема на претствата „Парови“, на авторката Ана Ристоска-Трпеноска во режија на Ивана Ангеловска, чија премиера се одржа неодамна на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје.
Дали реалноста денес и животот во заедница може да ја издржи идеализираната љубов што партнерите очекуваат да им се случи и да трае?
Пет парови заглавени со своето секојдневие се обидуваат да ја живеат љубовта на свој начин. Сите нив ги поврзува потребата за љубов и немоќта да ги променат работите.
„Со „Парови“ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот. Мене секогаш повеќе ме интересира да го прикажам тоа што не се гледа, да пишувам за осаменоста и за проблемите со кои партнерите се соочуваат, но ги чуваат меѓу четири ѕида. Борба за доминација, его, токсични машко-женски односи, партнери на кои им е поважен професионалниот успех и социјалниот статус, партнери што посакуваат никогаш да не се сретнеле, се изневеруваат, бракови што станале рутина, партнери кои имаат различни очекувања, доживуваат разочарувања и се комични во нивната немоќ“, вели за текстот авторката Ана Ристоска-Трпеноска.
Колку реално претставата е одраз на времето во кое денес живееме и на односите меѓу партнерите внатре помеѓу четирите ѕида на нивната интмност?
-Претставата во сопствениот одраз изгледа поголемо, а времето е вклучен фактор колку тие четири ѕида ќе ги намалат интимните односи внатре, ни вели Стефан Вујисиќ, еден од актерите во претставата.
Постојаната потрага по љубов, разбирање и поддршка се линија која ги поврзува десетте лика во претставата, од сцена во сцена отсликува ситуации кои ние често ги среќаваме во секојдневието, смета Ања Митиќ која глуми во претставата.
– Во природата на луѓето е да ги боли кога се повредени и да имаат потреба да го најдат својот излез и ослободување, а овие ликови се во постојана потрага по тој излез истовремено борејќи се со сопствените одлуки. Нивните односи ни се познати од лично искуство и од искуството на луѓето околу нас. Иако толку различни меѓу себе, ликовите не се толку различни од гледачот во публика и тоа е доказ дека претставата е одраз на времето во кое живееме – вели Ања.
„Парови“ е драма која се занимава со животот на неколку парови, нивните исцрпувачки врски и потребата и потрагата за љубов. Борбата дали да се излезе или да се остане во врска во која има се помалку нишки кои ги поврзуваат партнерите. И оттука повторно прашањето- постои ли успешна врска (брак) денес или зборуваме за невозможен концепт?
„Концептот е овозможен од тие што веруваат во него“ ни вели актерот Стефан Вујисиќ.
Но што кога еден од партнерите ќе престане да верува?
– Во животот не постојат рецепти за љубовта. Таа не познава правила. Не се одржува и јакне според некои принципи кои некој претходно ги смислил и напишал. Исто така не може да се развива и доживува според нечиј туѓ пример. Љубовта е присутна и ја доживуваме силно индивидуално од кога постои човекот до ден денес. Исто е моќна, возбудлива, убава и не опчинува во истата мера како порано така и сега. Тоа е уникатно лично чувство, состојба, начин на живот кој секој го гради од почетокот на вистинското заљубување и го негува понатаму онака како што тој и партнерот во врската го доживуваат и сметаат дека за нив е најубаво за да биде силна и нераскинлива. Бракот или врската (која може да биде долга и вечна и без институцијата брак) не зависи од тоа во кое време живееме. Таа може да ја има или нема и во 2124- та а ја имало или немало и во 1224-та. Нема разлика и денес. Личната перцепција е онаа која ја развива сликата и за останатите околу нас- вели Димитрија Доксевски, актер во претставата.
Претставата „Парови“ е напишана од македонски автор, со што Драмскиот Тетар –Скопје продолжува да го држи приматот на национална куќа што дава најискрена поддршка со поставување на претставите на домашните автори.
„Новата премиера на Драмскиот театар, која е воедно и праизведба на драмскиот текст „Парови“ од авторката Ана Ристоска-Трпеноска. Должна сум да посочам на улогата на Драмскиот театар во промоција на македонски драмски автори и на македонското драмско писмо. Во последните децении Драмски театар на театарската сцена ги поставува исклучиво дела на млади македонски драмски авторки како Жанина Мирчевска (Ждрело), Благица Секуловска (Безљубни), Миа Николовска (Така зборуваше Гертруда) како и адаптации и драматизации испишани од жени драматурзи, работени по прозни дела на македонски авторки како што е случајот со Мојот маж од Румена Бужаровска. Праизведбите и соработката на Драмски театар во последниве години не е тенденциозно условена во соработка со жени автори, таа е природно поставена. Не знам дали ви е познато но последните генерации на школувани драматурзи се исклучиво жени. Женскиот драмски ракопис е доминантен“ истакна Викторија Рангелова-Петровска, на прес конференцијата на премиерата на претставата.
За тоа каков е предизвикот на младите актери да се игра на текст од македонски автор, актерот Стефан Вујисиќ вели – „Како млад актер што се чувствува како млад автор претпочитам текстови од македонски актери. Имам желба да се напише некој текст каде што поголемиот дел би бил пишан во ремарки, а актерите би го играле тивко.“
Претстава “Парови“, е напишана и режирана од две жени кои заедно донесоа на сцената еден убав осврт на комплексноста на машко – женските односи во денешно време.
Сценографијата на претставата е на Костадин Трпеноски, композитор е Ади Имери, а изборот на костими го изготвија Раде Василев и Ратка Џамбазовска Коцев.
Актерската екипа ја сочинуваат Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Лазар Христов и Ирена Ристиќ.