Светските цени на храната стагнираа во јуни во споредба со мај по три последователни месечни зголемувања, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Месечниот индекс на цените на храната во јуни изнесуваше 120,6 поени, а растот на цените на млечните производи, шеќерот и растителните масла го надомести падот на цените на житата. Индексот на цените на месото речиси непроменет во однос на мај.
„Глобалните извозни цени за сите главни житарки се намалија, поттикнати од сезонскиот притисок на жетвата на северната хемисфера, подобрените производствени изгледи во земји како Казахстан и Украина и привремената забрана за увоз од Турција. „Цените на пченката паднаа поради напредокот на жетвата во Аргентина и Бразил, заедно со повисоките од очекуваните насади на пченка во САД“, се вели во извештајот на ФАО.
Показателот што ги следи цените на растителните масла во јуни беше на ниво од 131,8 поени, што претставува раст од 3,1 отсто во однос на мај, со што достигна највисоко ниво од март 2023 година. Исто така, продолжија да растат и цените на сојата и сончогледовото масло.
„По двомесечен пад, меѓународните цени на палминото масло зајакнаа во јуни, главно поддржани од заживувањето на глобалната побарувачка за увоз поради зголемената ценовна конкурентност. Во меѓувреме, глобалните цени на сојата и сончогледовото масло продолжија да растат, поддржани од цврстата побарувачка од секторот за биогорива во Америка и намалената достапност на извозот во регионот на Црното Море“, се вели во извештајот.
Цените на млечните производи останаа исти како во мај, но се за 6,6 отсто повисоки од пред една година. Цената на путерот порасна најмногу во последните две години, поттикната од зголемената глобална побарувачка за испораки во блиска иднина поради високата продажба на мало и сезонскиот пад на испораките на млеко во Западна Европа.
Кога станува збор за показателите за цените на месото, падот на меѓународните цени на живинското месо беше речиси неутрализиран со умерени до благи поскапувања на овчо, свинско и говедско месо. Цените на свинското месо благо пораснаа поради стабилното темпо на увоз, дополнително поддржано од сезонски активната домашна продажба, особено во Северна Америка.
По три месеци пад, цената на шеќерот почна да расте, но сепак е пониска од пред две години. Зголемувањето во јуни беше под влијание на пониските приноси на жетвата во текот на мај во Бразил.
Фото: pexels